Позитива, Поучни приказни
Добрината со добрина се враќа
Возејќи накај дома, Том Андерсон забележал постара госпоѓа која стоела на дождот, чекајќи некој да ѝ помогне.
Том веднаш застанал и се упатил кон неа. Забележал дека ѝ се дупнала гумата на автомобилот, а старицата не можела сама да ја смени.
Ѝ понудил помош и веднаш се фатил за работа.
Во почетокот госпоѓата била загрижена. Размислувала за тоа колку долго стоела на патот, а никој не застанал да ѝ помогне, а овој човек кој изгледа скромно и сиромашно можеби само сака да ја ограби.
Том ја сменил гумата и ѝ посакал добар пат.
Госпоѓата му била многу благодарна и запрашала колку треба да му плати, за да му се оддолжи за помошта.
„Јас не го направив ова за пари. И јас сум бил во ситуации кога ми била потребна помош, и секогаш некој ми подал рака. Сетете се на мене секогаш кога некому ќе му биде потребна вашата помош и несебично помагајте. Тоа ќе биде најголемата награда за мене” – ѝ одговорил Том.
Госпоѓата влегла во автомобилот и продолжила накај дома. Изминала неколку километри, па застанала во едно мало ресторанче покрај патот за малку да се одмори.
Келнерката љубезно ја услужила, ѝ донела крпа за да ја исуши мократа коса и постојано ѝ посветувала внимание. Госпоѓата била и повеќе од изненадена. Се прашувала од каде наоѓа сила оваа млада девојка која веќе е во поодмината бременост да биде толку работлива и љубезна. По изгледот на келнерката можела да заклучи дека е многу сиромашна, па никако не можела да разбери како некој кој има толку малку, може на странец да му даде толку многу.
И тогаш се сетила на Том Андерсон. Го завршила ручекот, ѝ дала на келнерката 100 долари и веднаш заминала без да чека да ѝ врати дел од парите.
Кога келнерката се вратила со остатокот од парите, на масата пронашла парче хартија на кое пишувало: „Не ми должиш ништо. И јас еднаш бев во ситуација кога ми требаше помош. Ако сакаш да ми се оддолжиш, не дозволувај овој синџир на доброто и љубовта да заврши со тебе. Помагај секогаш кога можеш”.
До пораката имало уште 400 долари.
Кога вечерта се вратила дома и легнала до својот сопруг, келнерката не била загрижена. Со парите од добрата госпоѓа можела да купи сè што ѝ било потребно за бебето. „Сè ќе биде во ред, драг мој” – му рекла на својот сопруг – „Многу те сакам, мој Том Андерсон”.
Добрината секогаш се враќа со добрина. Да се биде алка во синџирот на љубовта значи несебично да се помага, без скриени намери, без очекувања и награди.
Подадете рака и станете дел од синџирот на добрината.
Така, кога најмалку очекувате, а најмногу ви е потребно, секогаш ќе се најде некој кој вам ќе ви подаде рака.
Додади коментар