Мој предлог, Книга

Алхемичарот – книга која води до оазата

27 мај, 03:36

„Читањето на Алхемичарот е како да се разбудите и да ја набљудувате зората, додека остатокот од светот сè уште спие”.
Харпер Колинс - издавач од Америка

Преведена на 67 светски јазици, „Алхемичарот” е книга која го запиша Пауло Коелјо во Гинисовата книга на рекорди.

Прекрасната алегорија за младиот овчар Сантијаго и неговата потрага по Личната Легенда ќе ве поведат на едно патување на кое ќе го најдете својот благослов, патот кој Бог го одредил токму за вас, бидејќи секој од нас има своја Лична Легенда, но не секој има храброст да ја исполни.

„Токму можноста да се оствари еден сон, го прави животот поинтересен” – ќе рече Коелјо во своето ремек дело. И токму таа можност, токму храброста да се следат сопствените сништа, да се препознаат знаците и да се надмине стравот од непознатото, е патот кој води до исполнување на Личната Легенда.

На тој пат ќе дознаете дека не е потребно да ја поминете пустината за да ја пронајдете сопствената оаза. Едноставната приказна полна со мудрости ќе ве научи дека „Кога ќе посакаш нешто, целата Вселена ќе скова заговор за да ја оствариш таа желба”.  Ќе дознаете дека „Светот има една Душа, и кој ќе ја сфати Душата, ќе го сфати и говорот на нештата”.

Ќе разберете дека „Во животот сè е некаков знак” и дека „Можеби Бог ја создал пустината за да може луѓето да им се насмевнуваат на урмините палми”.

Алхемичарот е книга која се чита во еден здив. Ве поттикнува на размислување, ве инспирира да ги оживеете сопствените соништа и храбро да зачекорите во потрага по сопствената Легенда.

И најважно од сè, ве потсетува дека животот се состои од мали нешта, а духовното богатство е многу повредно од материјалното.
„Тајната на среќата се состои во тоа да ги набљудуваш сите чуда на овој свет, ама никогаш да не ги заборавиш и двете капки масло во лажичката”.  

На сите љубители на пишаниот збор топло им ја препорачувам оваа прекрасна книга. Дури и ако сте ја прочитале, навратете ѝ се повторно, уживајте во магијата на зората додека другите спијат и исполнете ја вашата Лична Легенда. А за да се исполни „Доволно е само да го слушаме нашето срце”.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 7057 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НАЈПОПУЛАРНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

© 2019 MOJ PORTAL  All Rights Reserved.   изработено од Асидус