Бомбици со пире од костени

29 декември, 06:45

Состојки:

500 гр. излупени костени (околу 600 грама нелупени костени)
400 мл. млеко
70 гр. шеќер
2 пакетчиња ванилин шеќер
4 чоколади за готвење
2 лажици крем (какао)
1-2 лажици мед
4 лажици масло
ореви и бисквити по потреба
 

Подготовка:

Најпрво засечете ги костените на долниот дел во форма на круг (мал рез), како би можеле полесно да ги лупите, а потоа ставете ги во сад со врела вода да варат околу 10 минути. Откако ќе се подварат исцедете ја водата и додека се топли излупете ги. Ладниот костен потешко се лупи.

Добро излупените костени сомелете ги со миксер, блендер или машинче за мелење, потоа во посебен сад измешајте ги со млекото и двете пакетчиња ванилин шеќер. Смесата оставете ја да вари 1 час на тивок оган. Ви препорачуваме редовно да ја мешате смесата за да не се запече. Пред да го тргнете садот од оган, додадете го шеќерот и добро промешајте за да се раствори.

Откако ќе го тргнете садот од оган, додадете две чоколади за готвење, две лажици крем (какао) и 1-2 лажици мед и добро промешајте. 

Во друг сад сомелете ги оревите и бисквитите и полека додавајте ги во смесата сѐ додека се згусти. Смесата треба да биде доволна густа за да може да правите топчиња. Потоа оставете да се излади. Но внимавајте, доколку ја оставите да замрзне, чоколадата ќе почне да бледнее. 

Додека смесата се лади, подгответе поголем сад и обложете го со најлонска фолија за да не се лепат топчињата и исечкајте ги оревите, доколку се одлучите да ги посипете со ореви. 

Од изладената смеса направете мали топчиња и оставете ги да отстојат околу 10 минути во фрижидер. 

Во меѓувреме во плиток сад искршете 2 чоколади за готвење и додадете 4 лажици масло. Ставете го садот над пареа и оставете го сѐ додека не завршите. За полесно да ги ставате бомбиците во чоколадата користете чепкалка за да ги прободете во средината. Чоколадираната бомбица посипете ја во сечканите ореви. Постапката повторувајте ја за секое топче.

Како замена за сечкани ореви може да користите кокос или едноставно оставете ги прелиени само со чоколадо. 

Експериментирајте според вашиот вкус.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 8402 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

20 април

20 април

Во 1950 година е роден Столе Попов, еден од најистакнатите македонски филмски режисери.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус