Животен стил, Живеј квалитетно

Читајте книги бидејќи...

09 февруари, 00:13

Кога последен пат сте се сместиле удобно, со шолја кафе или чај покрај вас и сте прочитале некоја книга?

Читањето, покрај што е многу корисно, навистина е и забавно.

Доколку ви треба мала мотивација за да му се вратите на пишаниот збор и да подзаборавите на „шпанските” серии (читај: турски, индиски и какви уште не), за вас издвоивме неколку причини поради кои вреди да читате книги.

Читањето ја поттикнува фантазијата

Пишаниот збор крие многу нешта за кои несвесно почнуваме да размислуваме. Читајќи, ги замислуваме ликовите од книгата, им даваме живот, ги замислуваме местата и предметите за кои читаме... Со самото тоа ја развиваме нашата фантазија и ја зголемуваме нашата креативност.
Зошто е тоа важно? Бидејќи креативноста и имагинацијата се дел од среќниот и исполнет живот.

Читањето го збогатува речникот

Убавото изразување е навистина важно, особено ако имате чести професионални контакти, ако вашата работа е поврзана со пишување или говорништво.
Дури и воопшто да не ви е потребен за работата, убавиот начин на изразување кажува многу за вас.
Читањето го збогатува речникот, несвесно учите нови зборови, почнувате да ги користите во секојдневниот говор, едноставно станувате побогати кога знаењето е во прашање.

Читањето опушта

Дали сте забележале дека додека гледате телевизија, мислите често ви се навраќаат на тековните проблеми, па наместо да се одморите, резултатот е токму спротивен.
Оние кои често читаат велат дека читањето навистина опушта, бидејќи додека читате вашето внимание е целосно насочено кон дејството на приказната.
Едноставно, со читањето наоѓате прибежиште од секојдневните проблеми и можност добро да се одморите.

Книгите се многу подобри од филмовите

Книгите речиси секогаш се многу подобри од филмовите кои се снимени според книга (со многу мали исклучоци). Она што може да се пренесе и доживее преку пишаниот збор, не може целосно да се пренесе на големото платно.
Љубителите на филмови и книги речиси секогаш сметаат дека книгата била многу подобра од филмот. Оние кои ја прочитале „Кодот на Да Винчи” и уживале во откривањето на тајните пораки, може да посведочат дека во истоимениот филм е пренесен само дел од магијата на оваа книга.

Читањето ги мотивира луѓето околу вас

Ако вашата страст кон книгата придонесе некој ваш близок да посегне по неа и да заборави на телевизијата, навистина сте направиле нешто корисно.
Читањето ги мотивира луѓето околу вас и секогаш ќе се најде некој кој ќе посака да влезе во светот на книгите, токму поради вашата препорака за некоја книга или одушевувањето кое го гледа кај вас додека читате.


Во ова наше време – невреме, кога телевизијата нуди содржини со страшно низок квалитет и речиси никакви морални вредности, враќањето кон книгата е и тоа како важно.

Меѓу кориците на книгите ве чека прекрасен свет кој збогатува, поучува и развива. Сè што треба да направите е да се сместите удобно, да посегнете по некоја книга и да влезете во светот на пишаниот збор.


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 6602 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус