Чорба со кнедли од мелено месо и интегрално пченично брашно

05 февруари, 10:37

Правилата за правилната и здрава исхрана се такви да ве едуцираат, да ве наведат да почнете да размислувате за себе и за тоа колку и како, на кој начин вие практично дејствувате за да го одржите своето добро здравје.

Но тие правила не се и никогаш не смеат да бидат до тој степен ригорозни и драстични за да ве лишуваат, односно да ви поставуваат граници и лимити кои кај вас веднаш би причиниле спротивен ефект.

На што мислам? Ако вие сте се одлучиле да се промените и сте сфатиле дека созреало времето кога треба да тргнете по патот на промените, тогаш тоа правете го со мали чекори, скала по скала, сè додека не се искачите до вашата цел, тоа значи воведувајте мали промени во изборот на намирниците, во нивната комбинација, во нивната конзумација, давајќи му притоа на вашиот организам доволно време да ги препознае и прифати тие промени, бидејќи тоа се промени за подолги патеки, а не краткорочни со повратни ефекти. Во спротивно, ако сами на себе си поставувате нереални барања, најпрво што ќе почувствува во негативна смисла тоа е вашата психа, вашиот ментален статус, што потоа неминовно ќе се отслика и на вашето физичко опстојување и севкупно живеење.

Денешниот рецепт се прави со месо. Токму тоа е она за што пишувам. Месото во правилниот и здрав режим на исхрана е застапено но не во таква количина во која нашето македонско поднебје знае да го употребува: од 7 дена во неделата најмалку 6 пати. Тоа секако не е добро и треба да се редуцира. Некои и го отстрануваат сосема што можеби е дискутабилно, но како и да е, и ако сакате да го намалите или да го немате во вашата исхрана тоа се прави во подолг временски период и полека. Колку го намалувате месото толку вметнувате намирници кои ќе ви ги надополнат протеините и амино киселините кои се многу потребни за нормално функционирање на организмот а ги има во него. Е сега нив можете да ги добиете со комбинација на житарки со мешунки, но за тоа ќе зборуваме следен пат.

Поради сето ова ви нудам еден рецепт со кнедли од мелено месо кој е убав за овие сè уште ладни зимски денови. Сепак ќе ставите и намирници од здравата исхрана, а тоа е интегралното пченично брашно, кое од своја страна ќе биде извор на витамин Б3, магнезиум, растителни влакна, фолна киселина, јаглени хидрати итн. и сето тоа оди во служба на доброто здравје: го подобрува дигестивното варење, ја одржува контролата на телесната тежина, го урамнотежува шеќерот во крвта, ги намалува шансите за создавање камен во жолчката, ги опушта мускулите и дава добар сон.

Другите намирници се зеленчукот: целер и морков. Целерот и морковот тоа се добро познати борци за добар имунитет  и лорберот кој е добар и спаѓа во лековитите готварски билки и тоа: за стимулирање на апетитот, подобрување на варењето, нормализирањето на шеќерот во крвта и прочистување на дишните патишта. Се вари заедно со јадењето и се вади на крај. Ако работ на листот се пресече аромата е поинтензивна. Ако е во прав се додава на крај на јадењето и претежно се користи за сосови за тестенини, супи и јадења со месо, риба,ј адења со ориз, јадења со зеленчук, бешамел сос и во млечни пудинзи и десертни кремови.

РЕЦЕПТ:
За кнедли:
300 гр. мелено месо
1јајце
50 гр. ориз
био зачин
црн бибер
 
3 супени лажици интегрално пченично брашно
3-4 супени лажици маслиново масло
3-4 супени лажици доматно пире или 2-3 замрзнати домати(без лушпа)
2-3 ливчиња лорбер
 
700 мл. вода
1кафена лажица биозачин
½  главичка корен од целер
2 моркови средна големина

Во подлабок сад се става 700 мл. вода во која се додава биозачинот, сечканиот морков и целер и се става да дојде до точка на вриење, па температурата се намалува.

Во меѓувреме во поголем сад се става месото, оризот, јајцето, биозачинот и црниот бибер. Сè се маша и со мала лажичка се става во зовриената вода едно по едно.

Се додава лорберот и се остава да се вари на средна температура околу 30 мин. Потоа во друг сад се става маслото и брашното и малку се запржува, се трга од оган, се додава доматното пире и супата со кнедлите и се остава да се довари на средна температура околу 20 мин.

Оваа чорба јадете ја топла со додавање на црн бибер што сè на сè толку добро ќе ви го згрее грлото па севкупниот ефект ќе биде многу добар.

ДОБАР АПЕТИТ И ВИ НАЗДРАВУВАМ СО ЧАША УБАВО ДОМАШНО МАКЕДОНСКО ВИНО..НА ЗДРАВЈЕ...

 


автор: Petrovska Vesna

Оваа вест е прочитана 2821 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 Март

29 Март
Во 1943 година е роден познатиот грчки композитор на електронска музика Евангелис Одисеас Папатанасиу или за јавноста познат под уметничкото име Вангелис.
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус