Убава наша, Разгледници

Дојран

16 мај, 00:02

Градот Дојран и Дојранското езеро се наоѓаат во југо источниот дел од нашата држава. 

Дојранското Езеро, кое е еутрофно езеро заради големата продукција на органска материја, своите чисти, бистри и лековити води ги распространило на нашата и на територијата на соседна Грција.

До Дојран се стигнува преку два магистрални патишта. Првиот е преку Валандово, при тоа поминувајќи низ селата Раброво, Собри, Чалакли, Дедели, Фурка, Ѓопчели и Црничани, села кои придонесуваат силно да се почувствува пулсот на животот на мештаните со сите нивни стари традиции и обичаи.  Вториот пат е преку Гевгелија, при тоа поминувајќи низ Богданци, уште еден наш мал, убав и традиционален град.

Без разлика по кој пат се патува, важно е дека се стигнува во еден важен  историски град, град кој плени со својата смиреност, тишина, убавина и едноставност.

Името Дојран го носат трите населби кои се разместени околу Дојранското Езеро,  Стар Дојран, Нов Дојран и селото Дојран кое се наоѓа веднаш после грчката граница.

Она што остава најголем впечаток од овој град, во кој времето оставило многу траги од минатото, секако е езерото. 

Поголемиот дел од површината на езерото е прекриена со птици, кои неуморно ловат риби за да се прехранат самите, за да ги прехранат своите малечки, но и за да им помогнат во риболовот на многубројните риболовци. 

Овој традиционален начин на ловење на риби со помош на птици во огради од трски, т.н. мандри, се одвива само во Дојран и на ниту едно друго место.

Езерото покрај што е богато со многу видови на риби, исто така е богато и со езерски алги и лековита кал, поради што е посетувано од голем број на луѓе во обид да ги излечат нивните здравствени проблеми.

Престојот во Дојран особено им се препорачува на луѓето кои имале некаков оперативен зафат, луѓето кои страдаат од респираторни заболувања, од реума и ишијас и секако, и на сите останати.

„Некогаш лекот е во водата, а некогаш е во калта”, вака знаат да кажат локалните жители.

Август е идеално време за одмор во Дојран. Тогаш водата е најтопла и тогаш почнуваат да цветаат алгите. Од нив испарува јод, кој е одличен лек за подобрување на имунитетот, за лекување настинки и проблеми со дишењето.

Но не само во август. Дојран е убав и убаво е да се посети во секој период од годината. 

Езерото, кое на моменти изгледа како да се спојува со бескрајот, мирот и спокојот кои завладуваат со срцата, љубезноста и гостопримливоста на жителите, природата која не се штедела во овој дел на нашата земја нека бидат доволни причини за да го посетите градот Дојран. 

 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 8930 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус