Домашна подготовка на лицето за нанесување маска

29 ноември, 11:14

 



Ако поради одредени причини не сте во состојба да посетите козметичар, постапката за подготвување на лицето и самото нанесување на некоја домашна, природна маска можете да ги изведете многу успешно и во домашни услов.

Што треба да направите?
Најпрво убаво соберете ја косата во пунџа на врвот на главата, за влакната да не ви сметаат при третманот.
Околу вас на дофат ставете сѐ што ви е потребно.
Пред почеток на третманот измијте го лицето со млака вода и некој благ, неутрален сапун. Потоа на лицето нанесете крем за лице со голем процент на масленост во зависност од типот на кожата и оставете го околу 10 минути.
Во меѓувреме во поголем сад на оган ставете вода да зоврие. Откако водата ќе зоврие, ставете во неа една до две лажици суви цветови од камилица или од липа. 
Лицето убаво наместете го над садот од кој излегува пареата, покријте ја главата со поголема крпа и седете така над пареа 10 до 15 минути. 
Откако лицето ќе биде убаво омекнато, со прстите на кои претходно ќе ставите парчиња вата или чиста газа полека, без многу притисок истиснете ги сите митесери кои можете да ги забележите. 
Напомена е на секое притискање да се менуваат парчињата вата или газа, за да не се пренесуваат бактериите од едно на друго место.
По завршувањето, со вата отстранете ја маснотијата и лицето нежно измијте го со претходно подготвен и изладен чај од камилица.
Со ваквиот начин на чистење, лицето е подготвено за нанесување маска.

Како се нанесуваат маските за лице? 
Нанесувањето на маските зависи од нивниот состав.
Кашестата маска се нанесува со мека четка или пластична лопатка, течната маска се нанесува со четка или со помош на тупфери направени од газа или сунѓер, а маските направени од кругови свежо овошје или зеленчук се нанесуваат директно на лицето.
Маската се нанесува во тенок слој на целата површина на лицето и вратот оставајќи ги слободни пределите околу очите и устата. 
Тука не важи правилото дека слојот треба да биде подебел за маската убаво да делува. 
Најдобро е да се гледате во огледало додека ја нанесувате маската.
На очите ставете две сунѓерчиња убаво натопени во чај од млака камилица.
Најдобро е да си планирате да имате барем еден час слободно време додека го изведувате третманот, затоа што ако телото и организмот се опуштени, многу подобро и побрзо ќе се впијат хранливите состојки од маската во лицето. 
Легнете во удобна положба, поткренете ги нозете на перниче и оставете ја маската да делува најмалку 20 минути. 
Во позадина можете да слушате некоја релаксирачка музика за опуштањето да биде комплетно. 

Отстранување на маската
Со помош на вата или сунѓер натопени во млака вода, во неколку чекори најдобро ќе ја отстраните маската. Отстранувањето не се прави грубо туку со тапкање, за маската да омекне и побрзо да може да се отстрани. 
Откако ќе ја отстраните маската измијте го лицето со млака вода, а потоа испрскајте го со ладна вода.
После третманот со маска, на лицето неколку часови не треба да се нанесува никаква шминка.

Колку често се нанесуваат маските?
По правило во зависност од типот на кожата и од возраста на личноста и заради постигнување на оптимални резултати, маските може да се нанесуваат еднаш до два пати месечно. 
Ако сакате да ги отстраните трагите од умор или да го освежите тенот на лицето, дозволено е маската да се нанесува и еднаш неделно.

Избор на маска според типот на кожа 
Со оглед на тоа дека домашните маски се составени се составени од природни состојки богати со минерали и витамини, маските делуваат многу пријатно и поволно на сите типови кожа. Ја хранат, ја освежуваат и ја поттикнуваат. 
Но пред да одберете маска, убаво одредете каков тип на кожа имате и во зависност од тоа одберете некоја од домашните маски кои ние ви ги препорачуваме.   


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 4355 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 Март

29 Март
Во 1943 година е роден познатиот грчки композитор на електронска музика Евангелис Одисеас Папатанасиу или за јавноста познат под уметничкото име Вангелис.
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус