Домашно гиро

24 февруари, 01:58

Сте помислиле ли некогаш дека можете дома сами да си подготвите вкусно гиро?
Ако одговорот е да, а не знаете како оди подготовката, тогаш информирајте се во продолжение на статијата.

Домашно подготвеното гиро е далеку повкусно од она кое сме навикнати да го купуваме од сендвичарите. 
При подготовка на домашното гиро знаеме точно кои и какви состојки се ставаат во него затоа што ние ги одбираме, па затоа од друга страна е и поздраво на некој начин.

Домашното подготвено гиро во комбинација со домашно пржени компирчиња е вистински оброк за оние кои се љубители на ваквиот вид на храна.

Подготовката е многу лесна и едноставна, а уживањето во неодоливиот вкус ќе ве натера повторно и тоа за многу кратко време да се одлучите да си подготвите домашно гиро.

Кога нештата се работат со многу љубов и внимание крајните резултати секогаш се воодушевувачки. Исто е и со храната и имајте го тоа на ум секогаш кога подготвувате храна во вашите домови.
А сега прочитајте кои состојки ви се потребни и како се подготвува домашното гиро.

Напомена - состојките кои се наведени во статијата се за подготовка на 6 до 8 гира! За помала и поголема количина соодветно намалете ги или зголемете ги состојките.

Состојки:
½ кг. пилешки гради
½ кг. свинско месо
300 гр. сирење (за сос)
300 мл. мајонез (за сос)
200 мл. кисела павлака (за сос)
3 кисели краставички (за сос)
листови од зелена салата
1 домат
250 мл. млака вода (за корички)
½ кг. брашно (за корички)
1 лажица шеќер (за корички)
½ свеж квасец (за корички)
2 лажици мешан сув зеленчук
масло
сол
црн бибер

Подготовка на коричките:
Во водата се става квасецот да се раствори и со постепено мешање полека се додава брашното. Се додава шеќерот и смесата се меси 5 минути. Откако ќе се добие убаво и мазно тесто, се остава да кисни 30 минути.
По истекот на времето тестото повторно се меси и се дели на два дела. Од секој од деловите се прават топчиња, не многу големи, но и не многу мали, и се сучат во тркалезни корички. На загреано масло се пржат коричките убаво од двете страни и се ставаат на хартија за да се впие непотребната маснотија.

Подготовка на сосот:
Киселите краставички се сечкаат на коцки и им се додава ренданото сирење, мајонезот и павлаката и сѐ убаво се меша.

Месото се сечка на долги ленти - може да биде само свинско, може да биде само пилешко, или како нашиот предлог - комбинација од двата вида - изборот е ваш.
Се наросува со мешан сув зеленчук, сол и црн бибер и се остава неколку минути да отстои за убаво да се впијат зачините во него. Потоа се пржи и се става на хартија за да се впие вишокот маснотија.

Подготовка на гирото:
Коричките се премачкуваат со сосот убаво по целата нивна површина, над сосот се ставаат листовите зелена салата и парчињата домат и над нив се става прженото месо. Се виткаат во форма на гиро и се сервираат во комбинација со компирчиња.

Пријатен апетит и наздравје!


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 9928 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус