Позитива, Поучни приказни

Двете златни парички

14 септември, 06:37

Млад студент кој студирал на познат универзитет, еден сончев ден се шетал со неговиот професор во околината на универзитетот.
Додека шетале и разговарале, покрај патот забележале еден пар искинати и стари чевли, кои по сè изгледа му припаѓале на еден сиромашен селанец, кој во близина на патот работел во полето.
Кога ги здогледал искинатите чевли студентот му рекол на професорот:

„Ајде да се пошегуваме со селанецот, ќе му ги сокриеме чевлите и ќе се скриеме зад некоја грмушка за да видиме како ќе реагира селанецот кога ќе си ги бара чевлите”.

На неговата луда идеја професорот одговорил:

„Студенту, никогаш немој да се шегуваш на сметка на туѓа сиромаштија. Тоа што си богат не ти дава право да се исмејуваш со тие кои се посиромашни од тебе. Наместо тоа што го кажа, можеш во секој чевел на сиромашниот селанец да му ставиш по еден златник. Тогаш ќе се скриеме и ќе го набљудуваме селанецот”.

Студентот направил како што го посоветувал професорот и двајцата се скриле зад некоја грмушка во близина.

Откако завршил со работата во полето, селанецот излегол на патот каде ги имал оставено капутот и чевлите. Додека го облекувал капутот, ја ставил едната нога во чевелот и забележал дека нешто има во него. На почетокот помислил дека тоа е камче, но набргу сфатил дека тоа е златник. Целиот зачуден не можел да поверува што нашол во својот чевел. Погледнал насекаде околу него, но не забележал никого. Го ставил златникот во џебот и продолжил да го облекува другиот чевел. На негово големо изненадување забележал дека и во него има уште еден златник. Се израдувал и не можел да поверува што му се случило. Го совладале емоциите и веднаш клекнал на колена да му се помоли на Бог во знак на благодарност. Во молитвата кон Бог ги спомнал неговата болна и беспомошна жена и децата кои немале што да јадат.
Сега, благодарение на невидливата рака која му помогнала, сиромаштијата нема повеќе да биде присутна во нивната куќа.

Студентот откако видел што се случило со селанецот, останал трогнат и очите му се наполниле со солзи.

Професорот го прашал:

„Дали ќе беше посреќен ако оставев да се пошегуваш со селанецот како што сакаше ти, или сега си посреќен откако виде дека твоите златници, кои тебе не ти значат ништо за него се цело богатство?”

Младиот студент одговорил:

„Ме научивте лекција која никогаш нема да ја заборавам. Сега навистина ги разбирам зборовите кои претходно не ги разбирав, а тие се дека оној кој дава е многу посреќен отколку оној кој добива”. 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 3324 пати.

Коментари [1]

Jasmina

Ова е ЖИВОТНА поучна приказна

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

20 април

20 април

Во 1950 година е роден Столе Попов, еден од најистакнатите македонски филмски режисери.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус