Убава наша, Репортажи

Единствената црква посветена на Светиот маченик Александар

26 мај, 00:24

Единственото село каде е изградена црква посветена на Светиот маченик Александар и каде се празнува како слава овој светец е селото Белица.

Белица се наоѓа под општина Кичево, на само 17 км. оддалеченост од градот. Потекнува од средниот век, а за оние кои сакаат да го посетат тоа се наоѓа на патот Кичево – Битола.

Кога минувате по патот, на висока карпа сред село ќе забележите поставен крст. Крстот е поставен во близина на старата црква посветена на Светиот маченик Александар.

Свети Александар бил млад војник во војската на царот Максимилијан. Поради неговото одрекување да се поклони на римските идоли бил предаден на капетанот Тиверијан. И покрај сите обиди да го предомислат, не се одрекол од христијанската вера. Тиверијан го повел низ Македонија сè до Цариград. При секое поминување во населените места, Александар бил измачуван, но неговата силна вера во Бог му давала сила да издржи. На неговиот пат го следела и неговата мајка. Ангел Господов ги ублажувал неговите маки, а населението христијани го охрабрувале и го молеле за благослов. Во местото наречено Карасура, маченикот Александар со молитва кон Бог направил чудо. Заради жедта која ја чувствуваа тој и неговите војници, извел вода на суво место. Кога пристигнале на брегот на реката Ергина, Тиверијан наредил да го убијат и да го фрлат неговото тело во реката. Џелатот кој требало да ја заврши таа работа бил спречен од ангелите кои Бог ги испратил, но маченикот Александар се помолил на Бог да не го запира во неговото дело, бидејќи со радост го чекал преминувањето на другитот свет. Неговата мајка го зела неговото тело и чесно го погребала. На гробот на Светиот маченик Александар се случиле неколку исцеленија.

Се верува дека народот ја има изградено црквата на неговиот гроб, што е карактеристично за ранохристијаните кои граделе храмови над гробовите од светците.

Малата црква која денес може да се види во село Белица лежи на темелите на поголема и постара црква. Во црквичето се наоѓа и камен со латински напис. Околу црквичето посветено на Светиот маченик Александар може да се забележат и остатоци од поранешната црква.

Здружението на граѓани од село Белица и Месната заедница на селото веќе покренаа иницијатива да се направат археолошки ископувања. Но, одговор од надлежните засега нема.

Во археолошката карта на Македонија од 1996 година, за црквата пишува:
„Св. Александрија, средновековна црква и некропола. Според исказите на Васил Штерјоски и Крсте Секулоски, денешната црква била подигната врз темелите на постара црква. Во 1912 година, при расчистувањето на просторот од источната страна на црквата бил откриен гроб во кој имало сребрени монети што биле однесени од српскиот началник.“

Оние кои потекнуваат од Белица и околните села, црквата ја нарекуваат Александрија, како и селската слава која се празнува на 26 Мај.

Crkva posvetena na Svetiot macenik Aleksandar

 


автор: Stojkoska Monika

Оваа вест е прочитана 6493 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


ПОПУЛАРНО

НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 јануари

29 јануари
Во 1845 година, во неделниот весник New York Evening Mirror, била објавена „Гавранот”, легендарната поема на Едгард Алан По.        
© 2022 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус