Интервјуа

Новак Џоковиќ - Јас сум емотивен, таков и ќе останам

29 март, 05:45

Што се случи со него и стана толку силен, можеби гордоста или инаетот. Што сè морале да кријат од него додека не стане полнолетен или можеби сакате да дознаете како би ја запросил својата девојка Јелена Ристиќ.

„Во внатрешната борба која човекот ја води со самиот себе и непознатите сили во себе, важи правилото да не се предавате никогаш” - одамна говореше српскиот нобеловец Иво Андриќ.

 

Тој веќе стана препознатлив бренд во тениската елита, за неговите мечеви влезниците се однапред продадени. Со него се гордее цела нација, но на многумина сè уште им е нејасно како ова скромно момче успеа да наниже толку успеси.
Тој сè уште е скромен и за него не е крај додека не се означи дека е готово. Едноставен е, шармантен и има силна волја за да успее.
Но најважно е дека тој е виртуоз со тенискиот рекет и благодарение на цврстиот карактер тој успеа да биде светски рекет број еден. За него се важни емоциите, тој е син и брат и искрен кон сите, но не може да ја сокрие и љубомората во својата кожа.
Во ова интервју тој открива и многу работи за својата девојка Јелена.

Новак Џоковиќ - Јас сум емотивен, таков и ќе останам2, Novak Dzokovic - Jas sum emotiven, takov i kje ostanam2

Патот до славата навистина е тежок и полн со разни предизвици и одрекувања. Многумина што успеале рекле дека не е баш како што очекувале, има многу проблеми?

- Ако си на врвот не смееш да заспиеш, постојано треба да работиш, За среќа јас имам добар тим кој ми е верен, девојка, семејство, пријатели и фанови кои постојано ме бодрат да продолжам со борбата и работата. Сè тоа што го поминав додека стасав до тронот, никогаш нема да го заборавам. Сè што правам и што сум постигнал има и своја цел.

Вашите натпревари се многу драматични, дали низ тоа ве води инаетот или постојаната сила која ве тера да докажете дека немате противник да ве победи?

- До првото место на АТП листата ме водеше работата, потоа стабилноста и вербата дека го можам тоа. Јас имав визија и сон, трпеливо работев за да го остварам тоа. Не мислам дека сум непобедлив. Мислам дека квалитетот во овој момент е изедначен и честопати одлучуваат нијансите кој ќе победи.

Многумина велат дека гледаат квалитетен тенис, се воодушевуваат на вашите потези. Дали понекогаш се плашите како ќе го поднесете моментот кога нема да можете да одиграте такви силни мечеви?

- Сè уште е рано да мислам на тоа бидејќи сега сум на врвот на кариерата. Немам страв од порази, а за да бидам таму каде што сум, морав многупати да паднам и станам. Тенисот бара потполна концентрација, тоа е спорт кој бара ментална подготовка на високо ниво и треба да се биде доволно силен за да бидете на највисокото скалило. Секогаш се трудам да дадам максимум од себе, секако, формата варира, но јас уживам во тенисот и немам причина да се плашам од поразот. Но и ако изгубам некој натпревар, па не е крај на светот. Секогаш одам понатаму и размислувам позитивно.

Многу од тенисерите имаат свои суети, а вие спрема своите колеги негувате исклучително коректни односи без љубомора. Дали во животот сте почувствувале одмазда и љубомора во вашата работа?

- Во машкиот тенис не постои толку љубомора колку ривалитет. Сите се трудиме да победиме некого, за да бидеме на врвот. Не сум почувствувал љубомора на своја кожа, претежно сите сме коректни во работата и на теренот, што не значи дека и во обичниот живот треба нешто да се смени. Морав сериозно да се фатам за работа за да напредувам и секако колегите да го признаат мојот труд. Додека се качував кон врвот, сите беа коректни и ме поддржуваа во тоа и добивав бројни пофалби. Не знаеја дали мојот блесок беше моментален или ќе трае подолго, но јас сè уште имам мотив и не се обесхрабрувам. Сè има своја цена, така да јас поминав тежок пат.

За Вас велат дека сте најдобар српски бренд. Дали тоа е одговорност или товар кој понекогаш морате да го носите и да внимавате на вашите постапки?

- Јас сум горд на констатацијата дека сум популарен, што дополнително е голем товар и притисок. Многу ми е мило кога разговараат со мене и кога ќе дознаат нешто ново за мојата земја каде има убава храна, убави девојки и секако многу им се допаѓа Белград. Во секој дел од светот има барем по еден србин кој ја менува сликата за мојата земја, дали се тоа од спортот или пак од науката и културата, сепак најважно е што се менува сликата на лошите момци од вестите и филмовите.

Дали гордоста е вашата карактеристика или можеби тоа е инаетот?

- Уф, понекогаш и двете. Горд сум затоа што немам својство да понижувам некого иако сум имал тешки моменти. А кога станува збор за инаетот, знам да бидам и таков и во суштина би сакал да отстапам од тоа својство кое понекогаш знае да ме блокира и да ги погледнам работите од друг агол.

На која своја особина сте најгорделиви?

- Знам да простувам и не сум злопамтило. Секогаш давам и втора шанса, подавам рака и мислам дека тоа е во ред. Сметам дека ние сепак сме само луѓе кои често правиме грешки, дали намерно за да повредиме некого или случајно. Затоа простувам и никогаш не го земам злото.

Постојат ли ситуации во кои не ја кажувате вистината?

- Јас сум искрен, некои работи ги премолчувам единствено ако знам дека ќе повредам некого. Веќе многу одамна немам потреба да бидам сурово искрен, особено ако тоа повредува некого. Има нешто што треба да се зачува за себе.

Што правите кога мислите дека е сè изгубено?

- Многу сум трпелив и верувам во животот. Јас сум вечен оптимист и во тенисот ризикувам, ќе одиграм со сета сила и само се насмевнувам кога немам што да изгубам.

Како ги чувствувате поразите?

- Постојат порази кои не ме вадат од такт. Невозможно е постојано да победувате и таа лекција ја научив одамна. Но има и моменти кога излегувам од својата кожа, тоа е немоќ која ве обзема, тага и неверување дека сте ја пропуштиле шансата. Тоа е многу исцрпувачки бидејќи многу влијае на емоциите. За среќа распоредот во тенисот навистина е многу густ, така да вие не можете ни да тагувате, мора повторно да се спремите и да отпатувате на друго место, да продолжите понатаму и затоа поразите се забораваат толку брзо.

Се гледа дека сте позитивни, има ли моменти кога запаѓате во криза?

- Најмногу енергија црпам од своите најблиски, мојот тренер никогаш не е тажен или загрижен. Јелена исто така е мое семејство. Тие се толку полни со енергија и нема шанси да го изгубам моралот покрај нив. Навикнати сме да функционираме така, се издигнуваме брзо, се бориме и знаеме дека заедно можеме да постигнеме максимум.

Дали можеби сте мрзеливи?

- Кога сум на одмор. Тогаш барам мир, обично тоа е далечно место со малку луѓе и прекрасна природа. Тогаш спијам, пливам, одам на масажа, читам и уживам во јадењата со пријателите. Во таквите ситуации навистина сум мрзелив.

Дали ви е тешко кога ќе разберете дека сте направиле грешка и морате да се извините?

- Не ми е тешко, моите најдобро го знаат тоа.

Дали како дете, или можеби подоцна кога пораснавте во тешките ситуации го баравте рамото на вашите родители?

- И двајцата ми овозможија неверојатна поддршка и сè уште го прават тоа. Мајка ми е исклучително храбра жена, стабилна и секогаш го држеше семејството на едно место. Нејзината племенитост и посветеност секогаш нè оставаше без текст. Татко ми е поразличен и со нас се однесуваше како со големи деца. Веруваше во мене, ме бодреше и патуваше со мене. Се откажа од многу работи и ако не ми оди, тој и денес ми дели најдобри совети.

Татко ти во едно интервју кажа дека на времето кога сте влегле во овој скап спорт морал да позајмува пари за да ви овозможи услови за тренинг. Дали тогаш имавте реална претстава што значи да се откажете од многу работи само за да им овозможите на децата да бидат успешни?

- Не сум знаел што се случува и каков бил проблемот. Тие тоа го криеја од мене бидејќи мислеле дека може да предизвика дополнителни проблеми. За тоа разговараа со мене кога наполнив осумнаесет години и тоа беше многу потресно за мене. Многу сум им благодарен што го направиле тоа за мене.

Сега ситуацијата е променета, дали сега ги разгалувате со тоа што им давате подароци?

- Нив најмногу им значат моментите поминати заедно, кога мајка ми ќе спреми ручек и ќе седнеме да јадеме и потоа ќе си прикажеме за некои случувања од детството. Честопати ги гледаме старите снимки од Копаоник, се присетуваме на луѓето од минатото кои поминале низ нашиот живот. Имав убаво и безгрижно детство, полно со љубов и поддршка. Материјалните вредности во нашите животи никогаш не биле приоритет.

Се шпекулираше дека татко ви е болен, како е тој сега?

- Засега е добро, сега се рехабилитира и наскоро тоа ќе биде далечно минато. Неколку месеци пред тоа сите бевме до него бидејќи му беше потребна нега, љубов за да ги преброди тешките моменти.

Во што сте слични со браќата Марко и Ѓорѓе?

- Со Марко сум сличен по самоконтролата и зрелото анализирање, а со Ѓорѓе по креативноста и снаодливоста.

Дали некогаш се плашевте дека нема да можете да се носите со славата, или можеби тоа ви беше природно без да ја изгубите главата?

- За славата никогаш не размислував. Водев сметка да играм тенис, да напредувам и слушам. Сите попатни работи дојдоа сами по себе и успеав да ги носам. Се однесував како тоа да се работи за на школо па ги пакував во торба која не ми беше тешка. Откако тоа не ми беше товар, станав горд на тоа и продолжив да чекорам.

Според вашето однесување на теренот, се чини дека со годините успеавте да го зауздате темпераментот. Како ви успеа тоа?

- Едноставно созреав. За некои работи мора да дојде вистинскиот момент, а времето ќе го направи своето. Како стекнав искуство, раснеше самодовербата и темпераментот и затоа се смирив. По природа сум емотивен и таков ќе бидам засекогаш, но мислам дека пронајдов внатрешен баланс.

Колку ваши стари пријатели ве разочараа, и дали пуштате нови во вашиот живот?

- Многу малку. Моите пријатели главно ги познавам цел живот, уште од школските клупи. Многу нешта поминавме заедно и никогаш немавме недоразбирања. Во мојот живот ретко доаѓаат други личности, не затоа што јас не сакам, проблем се навиките и констатацијата дека јас постојано сум во движење и многу малку време останувам само на едно место.

По што се издвојува вашата девојка од милионите други обожавателки од целиот свет?

- Апсолутно по сè, паметот, насмевката, убавината, одлучноста. Секако по тоа што е моја.

Многумина мислат дека со Јелена сте една совршена целина. Колку сте слични?

- Многу сме слични, иако секоја љубов е посебна, се разликува и не може да се спореди, сепак ми делува како илузија која трае. Таа беше спортистка, многу талентирана и темпераментна како јас, многу е самостојна и одговорна. Сакаме исти работи, исти места, исти книги, филмови... Многупати не ни требаат зборови за да се разбереме и многу добро се познаваме.

Заедно сте подолго време. Освен што се сакате, дали можеби ви стана и најдобар пријател?

- Целосно се потпирам на неа, таа поддршка многу ми значи. Сега има многу повеќе време да биде со мене поради природата на работата што ја обавува. Со неа постигнав емотивна стабилност, исполнет сум и ја пронајдов силата која ме придвижува.

Таа беше со вас во годините на работа и одрекување. Колку се променивте двајцата откако сте заедно?

- После повеќе од седум години заеднички живот, слободно можам да кажам дека одраснавме заедно. Многу нешта поминавме заедно и научивме, згрешивме, откривме... Сите тие искуства влијаеја врз нашите промени, но во суштина не многу. Се менувавме, се прилагодувавме на животот кој се смени откако сме заедно. Јелена секогаш беше мојот ветар кој ме „удираше” во грб и ме правеше да бидам подобар на теренот. Јас се трудев сите нејзини желби да ги исполнам иако професијата не ми го дозволуваше тоа. Таа го заврши своето образование, се осамостои и работи, додека јас ги остварив своите детски сништа. Заедно ја откривме формулата на успехот.

Мислите ли дека е поинтересно да ја изненадите жената и да ја одведете пред олтар на старомоден начин?

- Повеќе ми се допаѓа старомодниот начин, но како што веќе кажав секоја љубов е поинаква и за тоа нема правила.

Како човек кој ги истакнува патријахалните вредности, сонувате ли за големо семејство?

- Би сакал да имам бројно семејство, не затоа што јас пораснав со два брата, затоа што многу сакам деца.

Новак Џоковиќ - Јас сум емотивен, таков и ќе останам, Novak Dzokovic - Jas sum emotiven, takov i kje ostanam

Новак Џоковиќ - Јас сум емотивен, таков и ќе останам1, Novak Dzokovic - Jas sum emotiven, takov i kje ostanam1

bla bla, бла бла

 

 


извор: Бла Бла
автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 3009 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус