Каде на одмор...

Херцег Нови – градот на цвеќето

26 август, 06:51

Сместен на Јадранското приморје, во Бока – Которскиот Залив, Херцег Нови ќе ве освои на прв поглед.

За разлика од монденската и бучна Будва, Херцег Нови е помирно и попријатно место за одмор, со доста попристапни цени и љубезни домаќини.

Легендата раскажува дека многу одамна неколку рибари ја спасиле самовилата Акима, која во знак на благодарност го благословила градот и посакала во него постојано да цветаат цвеќиња. Така, кога цела Црна Гора е под снег, во јануари и февруари во Херцег Нови цветаат мимози.

Овој прекрасен град на цвеќето е дом и на прекрасните камелии, големи дрва со необично убави и големи бели цветови. Додека шетате по одлично уреденото шеталиште, над вас се надвиснувааат камелиите, а од дворовите на куќите ве поздравуваат најразлични видови цвеќиња.
 

herceg-novi-gradot-na-cveketo
Камелии



Овде нема да видите големи и луксузни хотели. Напротив, ќе уживате во тесните улички, скалите кои водат до морето, куќите со прекрасни зелени панзури на прозорците, мноштвото православни и католички цркви, пазарот каде ќе најдете раштањ, блитва, глуварче и ред други зелени растенија кои овде се вистински специјалитет...

Токму овде, во овој прекрасен град ќе ја видите куќата на Иво Андриќ кој некогаш одамна му ја подарил на градот и граѓаните на Херцег Нови. Ќе уживате во отвореното кино високо на тврдината, во парковите и ладовината под палмите, ќе пешачите до Игало разгледувајќи ги патем многуте продавнички кои нудат сè и сешто...

А кога некое утро ќе ве разбуди глас кој вика „Риби, рибииии!”, не се изненадувајте. Тоа е некој локален рибар кој носи штотуку уловена, свежа риба, а вие брзате да се облечете и да слезете долу, бидејќи рибите се продаваат за миг.
Оние кои сакаат да се обидат како риболовци, со малку среќа, умешност и пристоен харпун, и самите ќе уловат некое рипче.

herceg-novi-gradot-na-cveketo

Можеби единствениот недостаток на градот, ако може да се нарече недостаток, се бетонските плажи. Има и неколку помали песочни плажи, но на локалните жители омилени им се бетонските, па токму нив ќе ви ги препорачаат, а за само ден - два и вам ќе ви станат омилени (од лично искуство се уверивме дека кога ќе се разладиш во морето, воопшто нема да ти биде важно дали плажата е бетонска или не). Додека се излежувате на сонце, друштво ќе ви прават гулабите.

Духот на градот не може да се долови со зборови. Едноставно мора да го доживеете додека се шетате низ уличките или од центарот се спуштате надолу, по скалите кои водат кон морето, а над вас се надвиснуваат разнобојните цветови...


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2534 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НАЈПОПУЛАРНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

© 2018 MOJ PORTAL  All Rights Reserved.   изработено од Асидус