Животен стил, Убав дом

Како сами да го уредите дворот?

11 јуни, 05:40

Независно дали живеете во куќа или стан лошо уредениот двор предизвикува нервоза и одбивност. Не дозволувајте така да помине уште едно лето. Земете ги алатите в раце и средете сами.

Стара ограда

Не мора да поставите нова ограда. Доволно е да ја префарбате во нови свежи и модерни нијанси. Ако имате обична ограда од жица не мора да се разочарувате. Старата `рѓосана жица префарбајте ја со сјајна боја. За повпечатлив изглед комбинирајте две сјајни бои, на пример на секој 1 метар повлечете вертикална линија со друга боја.

Стара лозница 

Голем дел од куќите изградени пред повеќе од 20 години во својот двор имаат лозница, а во некои предели и киви. Не помислувајте да ја отстраните, тие се прекрасен декор. Обновете ја бојата на железната конструкција на која се пуштени гранките. Ако не ви одговара местоположбата може да ја преместите на другата страна. Под лозницата израмнете ја земјата, посадете ја со трева и поставете ги масата и столиците.

Различни стебла

Дрвјата го прават дворот да наликува на парче од шумата. Скротете ги гранките кои дивеат на различни страни, направете секое дрво да има сразмерна крошна, отстранете ги гранките кои не одговараат на замислата. За нивното стебло да стане повпечатливо земете растворена вар и варосувајте ги сите стебала до иста висина, мерката земете ја според најниското стебло. Белата боја ќе ги покрие недостатоците на кората, но и ќе ги заштити од мов и од инсекти.

Околу секое стебло направете вдлабнат круг, отстранете ја тревата и ставете украсни парченца дрво на ситни коцки во различни бои (црвена, светло жолта). Потрудете се круговите да се рамномерни.

Што да се прави со старата чешма или со бунарот?

Наместо да се нервирате треба да сте среќни што работата до половина е завршена. Купете бигорлив камен, една вреќа цименто и нова украсна чешма. Така ќе си направите прекрасна фонтана. Уште подобро ќе изгледа, ако дел од бигорливите камења ги офарбате со црвена, зелена и жолта боја (само на одредени делови) така што ќе добиете весела фонтана која ќе ви го разубавува секој ден. Или можете да додадете парченца мов, ситни камчиња по патеката по која тече водата и мали светилки кои дење се полнат, а на вечер светат.

Немате масичка?

Посетете некое стовариште и побарајте палети. Зошто? Штичките кои се на горната и долната страна од палетите исфарбајте ги по свој вкус и од нив направете ги горниот дел од масата и вкрстените ногарки (два пара вкрстени ногарки поврзани со една штица). Најлесно до нова масичка! 

Каде да ги преместите цвеќињата?

Сигурно имате различни видови на цвеќиња кои се неправилно распоредени. Внимателно откопајте ги сите цвеќиња. Дел од нив засадете ги во пластични саксии или кутии во иста боја без налепница и со врвки во боја како рамката за лозницата прикачете ги од спротивната страна на корењата. 

Дел од нив, оние кои се помали, засадете ги околу фонтаната или ставете ги со саксиите на некој од поголемите камења. А за остатокот изберете неколку редови во дворот каде по големина ќе ги подредите и каде нема да пречат. Ако имате патека во вашиот двор засадете ги покрај патеката.

Среќно!


автор: Stojkoska Monika

Оваа вест е прочитана 8519 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус