Животен стил, Хороскоп и Нумерологија

Какви партнери им одговараат на Раковите

28 јуни, 10:28

Секој хороскопски знак има свои карактеристики кои го одредуваат и издвојуваат од другите.
Според астрологијата лицата родени под слични знаци имаат слични карактеристики и стилови на комуникација.

Овој период е посветен на Ракот кој спаѓа во групата на водени знаци. Карактеристично за водените знаци е тоа што се емотивно воздржани, но кога љубат, тоа го прават со цело срце и искрено му се посветуваат на партнерот.

Какви партнери им одговараат на Раковите и кои се најдобрите комбинации за врска со Рак ќе дознаете од нашите љубовни совети.

Рак & Рак
Ова е можеби една од најдобрите комбинации. Бидејќи припаѓаат на ист знак, партнерите имаат слични карактеристики и се разбираат меѓусебно. Но, врската помеѓу Рак и Рак има чести промени во расположението, па кога работите се добри, навистина се добри и одлично им оди заедно, но кога ќе тргне на лошо, може да биде навистина лошо. Тоа не треба да ве загрижува или одврати од оваа комбинација, едноставно само имајте го тоа на ум за да можете навреме да реагирате и да ги поправите нештата.

Рак & Овен
Потполно се спротивни, Овенот е горд и сериозен, а Ракот е чувствителен и емотивен. Претставуваат добра комбинација бидејќи Овенот може да влијае на чувствителноста на Ракот и да му помогне малку да ја ублажи, со што ќе се направи рамнотежа помеѓу сериозноста од една и преголемата чувствителност од друга страна. Ќе им биде потребно време да се запознаат и прилагодат на потребите на партнерот, но кога тоа ќе го постигнат може да имаат навистина добра врска.

Рак & Бик
Одлична комбинација! И двата знаци се емотивни, поврзани се кармички и имаат длабоко разбирање еден за друг.

Рак & Близнаци
Кога се во врска едноставно се неверојатни! И двата знаци сакаат да се смеат, разиграни се, ориентирани кон семејството и бараат длабоки, значајни пријателства. Единствен проблем кај оваа комбинација може да бидат емоциите. Како и во секоја друга врска, и оваа љубовна комбинација ќе има свои подеми и падови и токму поради емотивноста Ракот може да се оддалечи од партнерот, додека Близнаците може да станат премногу дефанзивни.

Рак & Лав
И двата знаци сакаат деца, лојални се како пријатели и честопати бараат креативни решенија. Проблемот настанува поради повлеченоста на Ракот кој важи за интровертна личност, наспроти отворената природа на Лавот. И двата знаци знаат да бидат себични и да имаат премногу барања и очекувања од партнерот.

Рак & Девица
Прилично добра љубовна комбинација. И двата знаци имаат длабоко разбирање за другиот и свесни се за потребите и желбите на партнерот.
Оваа комбинација наидува на проблеми кога партнерите се под стрес, а доколку не се внимателни, во врската ќе внесат и често критикување, кое нема да им донесе ништо добро.

Рак & Вага
Иако на почетокот бавно ќе се развива, оваа љубовна комбинација може да прерасне во прекрасна врска која сè повеќе ќе цвета како ќе минува времето.
И двата знаци сакаат сигурна врска, го делат истиот интерес за убавина и може да создадат одлична рамнотежа во врската која ќе доведе до длабока љубов.

Рак & Шкорпија
Како пар создаваат врска која е полна со емоции, сексуална привлечност и страст. И двата знаци барат лојалност и претставуваат одличен пар, сè додека внимаваат еден од партнерите да не почне да надвладува над другиот.

Рак & Стрелец
Одлична љубовна комбинација збогатена со многу емоции. Во оваа врска партнерите си даваат време да се запознаат меѓусебно и заедно растат во врската, откривајќи ги сите нешта кои нивниот партнер ги сака. Во почетокот на врската ракот можеби ќе бара многу внимание и посветеност, но со тек на време Стрелецот ќе открие колку е всушност Ракот силен како личност, а со тоа и врската уште повеќе ќе напредува.

Рак & Јарец
Оваа комбинација може да се претвори во врска која ќе бара одлучност и постојана работа, па доколку сакате да успее, ќе морате навистина да работите на врската.
Јарецот е реален, сака логични нешта и цврсто стои на земја, додека Ракот е повеќе насочен кон емотивната страна на нештата. Иако покажуваат меѓусебна почит, како знаци се многу, многу спротивни.

Рак & Водолија
Уште една комбинација која бара многу посветеност и работа за врската да успее. Овие два знаци имаат заеднички нешта, ја делат истата љубопитност за луѓето и реалноста, знаат да сочувствуваат, сакаат семејство, но и двата се премногу емотивно затворени и таинствени кога се работи за чувствата, па многу тешко ќе стекнат доверба еден во друг, токму поради нивното неискажување на емоциите.

Рак & Риби
И двата знаци се сентиментални и романтични. Може да имаат одлична врска доколку стекнат доверба еден во друг. Криењето на емоциите е пречка која се јавува и во оваа љубовна комбинација. Доколку не научат да ги покажуваат чувствата, може да бидат доведени во ситуации кога наместо љубов, ќе чувствуваат огорченост.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 7460 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

20 април

20 април

Во 1950 година е роден Столе Попов, еден од најистакнатите македонски филмски режисери.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус