Убава наша, Репортажи
Колешинскиот водопад – незаборавно доживување
Оние кои го посетиле прекрасниот Смоларски водопад сигурно наминале и до Колешинскиот, еден од најголемите и најубави водопади во нашата земја.
Ако патот ве одведе во Струмичко, не пропуштајте ја посетата на Колешино, домот на Колешинскиот водопад, создаден во долниот тек на реката Баба.
Сместен на надморска висина од 500 метри, Колешинскиот водопад е висок 15 метри, што го прави еден од најголемите во Македонија. Создаден е меѓу гранитни камења низ кои водата се спушта надолу со целата нејзина чистота и убавина.
Недопрената природа ве мами на прошетка, а водопадот ви нуди разладување на телото и храна за душата. Звуците на птиците и останатиот жив свет кој ве опкружува ја надополнуваат убавината на ова место каде ќе најдете внатрешен мир и спокојство.
Посетата на Колешинскиот и Смоларскиот водопад не е само обична прошетка. Овој прекрасен дел од нашата земја е одлична можност да дојдете во допир со природата која ќе го разбуди секое зрнце атом во вашето тело, со планинскиот воздух кој ќе ве исполни со необична свежина, со звукот на водата која ќе ја исплакне вашата душа...
А кога на крајот на денот полека ќе тргнете кон дома, ќе бидете нови луѓе, побогати за едно искуство кое е лек за душата.
Додади коментар