Убава наша, Разгледници
Кратово - градот на златото и мостовите
Еден од најстарите градови на Балканот кој се наоѓа токму во нашата држава е градот Кратово.
Сместен во подножјето на Осоговските Планини, Кратово се наоѓа во грлото на стар изгаснат вулкански кратер, по што го добил и името.
Но што е она по што овој град е посебен и се издвојува од останатите наши градови?
На прво место е самата архитектура на градот, начинот на кој се изградени и украсени куќите, градби кои се изградени од дрво и камен.
Чардаците или балконите ги има скоро на секоја куќа и се посебни обележја на градот.
Мостовите во Кратово се исто така едни од многубројните обележја на градот.
Во минатото имало четиринаесет мостови, од кои денес се останати и се користат четири.
Секој мост си има посебна историја која зборува за одреден период од минатото. Тие се неми сведоци за едно време кое поминало и оставило траги врз животот на овие простори.
Од четирите останати мостови најпознат е т.н. „Радин мост” за кој постои и легенда.
Мостот го граделе девет браќа. Дење тие го граделе, а ноќе некој им го уривал. Разбрале браќата дека ако сакаат мостот да остане, треба во него да вѕидаат жртва. Браќата се договориле дека во мостот ќе ја заѕидаат една од деветте снаи која прва наредниот ден ќе им однесе ручек. За планот сите браќа ги известиле нивните жени освен најмалиот, чија невеста - Рада била заѕидана во тврдините на мостот, па така овој „Радин мост” останал до ден денес да им служи на жителите.
Покрај мостовите и архитектурата, Кратово е препознатливо и по Кратовските кули, по приказните и легендите кои и денес им се прераскажуваат и им се пренесуваат на помладите, по многубројните цркви и манастири, како црквата посветена на Св. Јован Опчесен, по топлината и гостопримливоста на неговите жители и секако она по што е најпознато - изобилството на златни рудници и Кратовските ковачници во кои се ковале златни и сребрени пари.
Сјајот на златото кое го имало во изобилство во Кратовските рудници низ историјата ги привлекувало големите сили и освојувачи, па поради тоа овој град бил повеќепати поробуван и освојуван. С
екој кој ќе дојдел и ќе го покорел градот уживал и ги искористувал природните ресурси. Па така се развивало рударството, почнувал развојот на занаетчиството и трговијата и занаетите заживувале.
Златото и среброто кои биле ископувани од многубројните рудници зборуваат за важноста на Кратово, зборуваат за изобилието со природни богатства, за кои не може со сигурност да се каже дека се искористени во потполност.
Можеби во некој од останатите рудници сѐ уште може да се ископа и да се најде по некој златник, кој само ќе ја збогати историјата на овој мал, а всушност голем Балкански град.
Додади коментар