Кујна

Леб од целозрнесто грахам брашно со интегрален сусам и козјо сирење

22 мај, 06:44

Време на приготвување: 15 минути
Време на печење: 20 – 30 минути

Потребни состојки:
800 гр. целозрнесто грахам брашно
5 супени лажици ладно цедено маслиново масло
1 ½ кафена лажичка сода бикарбона
100 гр. тостиран интегрален сусам
250 гр. дробено козјо сирење (ако нема козјо може и кравјо сирење)
50 гр. пченични трици
300 – 350 мл. млака вода (помалку или повеќе  за да се добие средно меко тесто)
 

Приготвување:
Во длабок сад се става брашното, а потоа во средината се прави мал кратер. Во него се става сода бикарбоната, сусамот, триците, маслото и дробеното сирење. Со додавање на млака вода се замесува средно меко тесто (подобро да биде помеко, но да се одлепува од раката).

Потоа тестото во форма на топка се остава во набрашнет сад, се покрива со чиста мека крпа и се остава да отстои 30 – 40 мин. за да нарасне до зголемување на волуменот за 1/3  повеќе од првобитната.

Откако тестото ќе го зголеми својот волумен од него се формираат погачки во големина на вашата дланка кои се ставаат на набрашнета тава за печење. Кога сте готови со формирањето на погачките рерната се вклучува да се загрее на 220° Ц , а тие се покриваат со истата крпа за да нараснат додека се затоплува рерната. Кога таа ќе се загрее лепчињата се ставаат да се печат. Се печат  20 – 30 мин. сè додека не добијат убава златна кафеава боја.
Кога се печени се вадат и се оставаат малку да се оладат, а потоа се покриваат со чиста крпа.

Овие лепчиња се многу добри за појадок, а бидејќи се направени од целозрнесто брашно многу добро го заштитуваат вашиот систем за варење. Богатството на влакна и витамини од групата Б целосно се во служба на вашето здравје.

Никогаш не ги прифаќајте диетите кои елиминираат одредени намирници или цела група на намирници бидејќи тоа само ќе направи штета на вашиот организам која потоа долготрајно ќе ја лекувате, а саканиот резултат од таа диета ќе биде со многу краток век и секако со уште поштетен повратен ефект. Отстранувањето на група витамини и минерали кои се наоѓаат во одредени намирници (леб, компир), а за кои се мисли дека се виновни за вишокот килограми  не е добро.

Вклучувањето на леб од целозрнести брашна во кои е содржана целата нутритива на житарката оди само во прилог и е неопходно за човековиот организам, придонесувајќи за одржување на балансот на протеини, јагленихидрати , витамини и минерали и со тоа на целата психофизичка состојба на здраво оптимално ниво.


автор: Petrovska Vesna

Оваа вест е прочитана 6181 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

20 април

20 април

Во 1950 година е роден Столе Попов, еден од најистакнатите македонски филмски режисери.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус