Кујна
Шарена солена торта
Оваа вкусна и декоративна закуска бара малку повеќе време па затоа ја препорачуваме за посебни пригоди, домашни слави, родендени, имендени...
Тестото може да го испечете во плехот од шпоретот или во тркалезен калап.
По подготовката убаво декорирајте ја и ставете ја на масата цела, или исечете парчиња и наредете ги во чинија.
Состојки:
За тесто:
4 јајца
1 шолја масло
1 шолја јогурт
прашок за печиво
10 лажици брашно
½ кг. обарен, исцеден и исечкан спанаќ
малку сол
За фил:
½ кг. изварка
1 мала тегличка мајонез
100 гр. сечкана шунка
1-2 сечкани корнишони
2-3 тврдо варени јајца
магдонос
сол по вкус
Подготовка:
Тесто: Јајцата убаво се матат со миксер, се додаваат течностите, брашното, и на крај спанаќот. Смесата се става во плех обложен со хартија и се пече на околу 180 °Ц. Се сече на 3 ленти и се филова.
Фил: Изварката се мати со мајонезот, дел се остава за надворешно филување, а во останата смеса од изварка и мајонез се додаваат шунката, корнишоните, магдоносот и ренданите јајца.
Основата на филот се изварката и мајонезот, сè друго можете да промените по ваш вкус. Може да додадете маслинки, свежа пиперка, да не ставате шунка...
Филуваната торта се украсува по желба. Во смесата за филување додадете малку црвена пипер и намачкајте го горниот дел од тортата, или нарендајте кашкавал, направете ружички од тенко исечена шунка...
Добар апетит!
Додади коментар