Убава наша, Репортажи

Куќата на Робевци – Охрид

19 март, 07:11

Куќата на Робевци во Охрид се смета за еден од најрепрезентативните објекти на старата градска архитектурна во градот и во Македонија.

Изградена е во 1825 година од мајсторот Тодор Петков од село Гари. Куќата истата година била опожарена по што повторно е изградена наредната година. Македонското семејство Робевци е едно од најпознатите во тој период, кое за прв пат се споменува во 1379 година на една надгробна плоча пишувана со црковно словенско писмо која се наоѓа во храмот Света Богородица Перивлепта.

Во периодот на Балканските војни и Првата светска војна во оваа куќа биле сместени српските војници, а по нивното заминување дел од резбите во куќата се пренесени во Ниш, Србија. Од 1945 година куќата е заштитена како културно-историски споменик. Пет години подоцна во неа е сместен Народниот музеј, а во 1953 година е национализирана и предадена на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј Охрид во трајно користење.

Куќата има три ката, од кои во долниот кат се изложени епиграфски споменици од Охрид и околината и вредни експонати, а на вториот и третиот кат се изложени експонати од праисторијата, како и предмети од покуќнината на семејството Робевци.

Оваа куќа е само една од бројните сведоци кои говорат за македонската историја и архитектура. За да се уверите во убавината на ова парче земја треба да ги допрете ѕидовите кои тивко шепотат за тоа што поминало, а се радуваат на она што доаѓа.


автор: Stojkoska Monika

Оваа вест е прочитана 11410 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус