Мистерии

Мистеријата на Мери Селест – бродот дух

27 ноември, 11:03

Трговскиот брод Мери Селест испловил од Њујорк на 7 ноември, 1872 година. Бродот превезувал буриња со алкохол, а крајна дестинација му била Џенова, Италија. 

Покрај капетанот и седумте членови на екипажот, на бродот биле и сопругата на капетанот и неговата двегодишна ќерка. На 4 декември истата година, Мери Селест бил пронајден во водите на Атланскиот Океан. Според очевидците, бродот бил во добра состојба и пловел кон Гибралтарскиот теснец, но од екипажот немало никаква трага. Последниот запис во дневникот на капетанот бил на 24 ноември. 

На бродот имало доволно храна и вода за шест месеци, сѐ било на свое место, немало знаци на насилство, недостигал само  чамецот за спасување, а и компасот не работел. 

Што се случило со капетанот и неговиот екипаж засекогаш ќе остане мистерија. Како би можеле да исчезнат искусни морнари, а да не остават никаква трага зад себе? 

Не можејќи да го објаснат исчезнувањето на екипажот, истражувачите развиле повеќе теории за тоа што се случило. Се претпоставувало дека бродот го нападнале пирати, имало подводни потреси, се спомнувале и морски чудовишта и Бермудскиот триаголник, но сите овие теории останале бесмислени и недокажани. 

Имено, останатите бродови кои пловеле во близина не регистрирале никакви подводни потреси, Мери Селест бил далеку од Бермудскиот триаголник, а сите скапоцености на екипажот не биле ни допрени, па се исклучува и можноста за напад на пирати. За време на пловидбата, времето било убаво, а морето мирно. 

Години подоцна, откако многу капетани пловеле со Мери Селест, бродот бил потопен, а во 2001 година биле пронајдени неговите остатоци.

Бродот дух, како што многумина го нарекуваат, засекогаш ќе остане мистерија.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2940 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус