Мистерии
Скриен лавиринт лежи во пустината во Перу
Наска линиите во Перу и ден денес остануваат една од најголемите мистерии.
Создадени некаде помеѓу 400 и 650 година, линиите Наска прикажуваат цртежи на колибри, пајаци, риби и гуштери и се видливи само од воздух, од голема височина.
Нивната цел сè уште е мистерија, а неодамна оваа мистерија е збогатена и со откриениот лавиринт кој лежи некаде во средината на линиите.
Лавиринтот беше пронајден по петгодишна истрага на двајца археолози кои за изминатите пет години изминале околу 1 500 км. низ пустината, со цел подобро да ги проучат линиите и да го разберат нивното значење.
За разлика од цртежите кои се препознатливи само од голема висина, лавиринтот имал друга цел. Имено, тој бил наменет за пешачење и можел да се забележи и доживее исклучиво ако се изоди патеката.
4.4 километри долгиот лавиринт има 15 свиоци кои водат од и кон висок рид, за потоа да го одведат патникот во спирален ходник.
Рабовите на лавиринтот се одлично зачувани, а за да го поминете ќе ви биде потребен околу еден час.
Археолозите сметаат дека лавиринтот имал духовна и ритуална цел, но зошто навистина бил создаден и какво било неговото значење за цивилизацијата Наска, можеби засекогаш ќе остане мистерија.
Додади коментар