Моите рецепти - Здравје на мени
Малку необична пита
Секој си има свој свет во кој се пронаоѓа, во кој ја пушта својата фантазија, својата имагинација така дрско да шета и да ги открива и најскриените тајни на вашата душа, на вашите прсти. Да ги открива нештата за кои и вие не сте биле свесни дека тоа е она што ве исполнува, тоа е она вистинското, тоа е она што сакате да го создавате, со сето срце да ја пуштите вашата мисловна волшебност да ги плете прстите создавајќи мали убави нешта.
Таков еден мој мал свет е светот на зачините, вкусовите, она што за сите нас значи живот, љубов, задоволство, со еден збор светот на храната со сите нејзини порти кои таа ги отвора и сето тоа во служба на доброто здравје.
Но во создавањето на новото секогаш е убаво да се навраќаме на нашиот фундамент, основата, традицијата без кои би биле како дрво без корен. Не само симболиката туку и самата срж на сето тоа е она што ве држи, како што ветерот кога ја вее гранката, таа верува во цврстината на стеблото што ја држи и ја храни.
Во моите рецепти има многу имагинација која е во насока на промовирање на здравата исхрана, но за овој рецепт сепак тоа ќе биде нешто познато, често правено, но со можеби по нетрадиционална форма отколку што вообичаено ја правиме.
Пита половина со спанаќ половина со праз
Потребен материјал за тестото:
700 гр. бело брашно
20 гр. квасец свеж
50 мл. масло
2 супени лажици шеќер
1 супена лажица сол
млака вода да се замеси средно тврдо тесто
Потребен материјал за фил:
500 гр. праз
500 гр. спанаќ
4 јајца
400 гр. сирење
400 мл. кисело млеко
100 гр. маргарин
100 мл. масло
Време на приготвување заедно со киснењето - 40мин.
Време на печење - 30мин.
Приготвување:
Најпрво го замесувате тестото: во подлабок сад го ставате брашното, шеќерот солта, маслото и квасецот кој само сте го раствориле во млаката вода. Потоа почнувате да мешате и да додавате вода сѐ додека не направите тесто со средно тврда густина и потоа го оставате да отстои 20 мин. за да нарасне.
Во меѓувреме празот го сечкате на поситни парчиња и го ставате на оган во затворен сад на средна температура да се издинста. Кога ќе стане стаклест и кога ќе смекне, се трга од оган и се остава да се излади.
Во друг сад исчистениот спанаќ се дроби и се гмечи со раце, но не многу туку онолку колку е потребно листовите само да не бидат сосема крути. Потоа се додава малку масло, 200гр. дробено сирење, 2 јајца и 200 мл. кисело млеко. Сѐ добро се спојува и се остава. Во изладениот праз се става малку масло, се додаваат 2-те јајца, останатото сирење и киселото млеко.
Откако тестото ќе почне да нараснува се дели на два дела и од секој дел се прави по една кора. Плехот се премачкува со мешавина од стопен маргарин и масло и потоа се става едната кора која исто така се попрскува со мешавината од маргарин и масло и на едната половина се става филот со праз, а на другата половина филот со спанаќ. Од горе се става другата кора која е во набор, се попрскува со маргаринот и маслото, се виткаат краевите како витките кај зелникот, се попрскува добро со маснотијата и се остава да отстои онолку време (околу 15-20мин) колку е потребно да се загрее рерната на 220 степени. Кога малку ќе нарасне и кога е постигната температурата во рерната, се става да се пече. Се пече околу 30 мин. сѐ додека не добие златно жолта боја.
Откако ќе се испече се попрскува со малку топла вода и се покрива со тенка крпа.
Оваа пита можете да ја направите и со поинакво тесто:
Наместо бело брашно можете да направите тесто од 300гр. бело + 400 гр. инегрално брашно или исто така многу добро е и тестото од 500 гр.интегрално пченично + 200 гр. интегрално ‘ржано брашно. Овие две се малку поздрави варијанти и исто така многу добри. Останатата постапка е сосема иста.
Се служи и топла и ладна и како главен оброк и како убава ужинка. Едноставна за приготвување, со малку љубов ќе направите убава пита за зимските студени денови, но може да се прави и во секое годишно време.
ДОБАР АПЕТИТ ОД МОЕТО СРЦЕ ЗА ВАС
Коментари [2]
ЕленаНавистина вкусна пита. Ја направив со комбинација на бело и интегрално брашно но имав мал проблем:) Ја ставив во многу плиток плех, па при печењето маснотијата со која се потура одозгора ми истече во рерната:( Некаде погрешив или следниот пат да барам длабок плех?
Весна Пирузева ПетровскаНема никаков проблем.Бидејки тестото има малку квасец убаво е да се става во подлабок плех за да има место тестото да нарасне и да се испече а маснотијата убаво и полека да се впие во него.Ништо нема послатко од тоа кога нештото го правиш сам и секој следен пат е се поубаво и повкусно
Додади коментар