Моите рецепти - Здравје на мени

Посни ѓевречиња и переци без масло

12 март, 11:06

Велигденските пости почнаа. Секој според своето убедување ќе се одлучи дали да се владее според нивните правила или не.

Но каква и да е причината, дали вашите внатрешни пориви или мислења ви налагаат и ве упатуваат на тоа психички и ментално да се преиспитате и да си го прочистите своето внатрешно ЈАС, или сакате едноставно да си го прочистите своето тело, својот организам, треба да сте сосема начисто со себе.

Според мене, ако нема синергија, ако нема поклопување на тие две нешта тогаш не треба воопшто да се почнува со нешто, зошто само на тој начин вие сте личност која има свое самопочитување и своја самодоверба, тогаш и резултатите од целиот тој пост ќе бидат целосно исполнети. Тоа значи дека на крајот од постот навистина ќе се чувствувате психички и физички „ПРОЧИСТЕНИ”״.

Чести се прашањата на оние кои се одлучиле да постат како тоа да го направат бидејќи има правила:
- се пости без масло
- потоа риба се јаде само одредени денови
- или се пости со масло но и тоа во одредени денови.

Сега да го оставиме на страна тоа, зошто е тоа така, тоа е сосема друга тема. Видно се забележува за време на овие денови луѓето како да не знаат што да јадат, па постојано јадат сува храна, најчесто ѓевреци и тука прават грешки. Да, ѓевречињата се добри, но за секој ден???? 

Тоа што јас сакам да ви го предложам е како лесно да ги поминете овие денови на пост со идеи за рецепти за приготвување на посни јадења без масло, со масло, како лесно и брзо да приготвите риба, а сето тоа да биде во рамките на здравата исхрана и во служба на вашето здравје.


Сите други позитивни ефекти ќе следуваат сами по себе, а вие ќе се изненадите колку е тоа лесно, економично, а во исто време здраво. Вашиот тен ќе блесне, напнатоста ќе исчезне, ќе се почувствувате многу полесно,  а вашата  „душа” тивко ќе зачекори во смиреност и релаксираност. Сето тоа ќе биде како последица на внесување храна без многу или без животински масти, термички не многу третирана и во многу поднослива комбинација за вашето варење и за вашиот метаболизам и секако со многу витамини и други нутритиви потребни за зајакнување на имунитетот.

Мојот прв предлог е нешто што можете да си го правите за појадок или да направите, па да си ги ставите во замрзнувач и да си ги одмрзнувате по потреба. Сепак почнувам со ѓевречиња или переци, но разликата меѓу моите и тие што ги купувате е што овие немаат во себе додатоци кои ќе ви ги надуваат цревата или ќе ве направат да се почувствувате уште потромаво.

Што ви треба:

- 500 гр. брашно - е сега тука јас секогаш сум за интегралните брашна, пченично и ′ржано во комбинација, но за да не ви бидат потврди (бидејќи ако ги правите само со интегрални брашна текстурата на тестото е погуста )можете да комбинирате интегрално пченично и бело меко брашно Т-400 или ако толку сакате направете ги само со бело брашно, но белото е само бело, а здраво????!!!!!!
- 20 гр. свеж квасец
- 1кафена лажичка морска сол
- 1+1/2кафена лажичка шеќер
- 1 супена лажица ким
- 50 гр. интегрален или бел сусам
- 1супена лажица ленено семе
- 1 супена лажица босилек или рузмарин или оригано
- 200-250 мл. млака вода за замесување

Во подлабок сад се става брашното, на средина се додава квасецот кој сте го раствориле во шолјичка и потоа се додаваат сите други состојки. Лесно се спојува сè и се прави тесто (водата се додава полека во завосност од тоа какво е брашното, по потреба се додава уште малку) кое треба да биде сосема меко, но не да се лепи на рацете.

Така направеното тесто се остава на топло место покриено со крпа сè додека не нарасне. Откако ќе нарасне се зема еден плех и се поросува со брашно. Потоа се прават од тестото топчиња во големина на вашата дланка и од секое топче со лесни движења се прави подебела лента која се витка во форма на ѓеврек или перек. Секој од нив се става на плехот и тогаш се вклучува рерната на 200 – 220 °Ц. Кога ќе се загрее се ставаат да се печат околу 20 – 25 мин. односно додека не добијат убава златно жолта боја на тазе печено пециво.

Внимавајте да не се препечат за да не ви се суви. Ако сакате да ви крцкаат тогаш оставете ги така да се изладат, а ако сакате да се помеки веднаш покријте ги со крпа, па коричката нема да биде толку крцкава.

Лесни се за правење, не одземаат многу време, а во вкусот ќе се уверите сами.

 


автор: Petrovska Vesna

Оваа вест е прочитана 9817 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

16 април

16 април

Во 1889 година е роден Чарли Чаплин, јунакот на немите филмови, режисер, комичар и композитор.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус