Занимливост, Убави нешта
Москва, градот на катедралите со шарени куполи
Москва, градот на династијата Романови, домот на преку 300 цркви и катедрали, нуди многу нешта кои создаваат незаборавни спомени.
Ако сте посакале да го посетите овој прекрасен град со богата и долга историја, еве можност да видите дел од знаменитостите и да уживате во неверојатната убавина на катедралите со црвени тули и шаренолики куполи кои го одземаат здивот.
Уживајте во прошетката низ Москва!
Црвениот плоштад
Преку 500 години во срцето на Москва лежи Црвениот плоштад, место толку познато и значајно што се смета не само за центар на Москва, туку и за центар на Русија.
Градбите околу плоштадот сведочат за историјата и раскажуваат легенди.
Токму овде е прекрасната катедрала посветена на Свети Василиј Блажениот, прекрасниот Мавзолеј на Ленин, како и многубројните цркви на Кремљ.
Катедралата на Свети Василиј Блажениот
Прекрасното здание е изградено во далечната 1561, на барање на Иван Грозни, како сведоштво за неговите воени походи. Во почетокот биле изградени 8 капели, а подоцна е додадена и деветтата како вечно почивалиште на Василиј Блажениот, по кој го носи и името.
Катедралата, со своите црвени тули и прекрасните шарени куполи, наликува на волшебен замок од приказните.
Театарот Болшој
Првично изграден во 1776, театарот неколку пати бил зафатен од пожар и повторно реставриран. Болшој е еден од најстарите театри во светот, дом на операта и балетот, место каде се изведуваат делата на најголемите композитори на сите времиња.
Новодевичкиот манастир
Изграден во 1524 година, манастирот првенствено бил користен како тврдина, а бил достапен само за жените од царското семејство. Посветен е на Пресвета Богородица која се сметала за заштитник на Русија.
Дел од манастирот денес е достапен за посетители кои може да уживаат во убавината не некои од највредните иконостаси во светот, сместени токму во Новодевичкиот манастир.
Од 2004 година импозантното здание е под заштита на УНЕСКО.
Катедралата на Христос Спасителот
Со својата висина од 103 метри, Катедралата на Христос Спасителот е највисокиот христијански објект на Земјата. Внатрешните ѕидови се обложени со ретки видови на мермер, гранит и скапоцени камења, а токму златната купола на оваа катедрала е првата во светот позлатена со новата техника на позлатување која се користи и денес.
Додади коментар