Не викајте му на детето

29 декември, 11:23

Статијата е наменета за сите родители кои сакаат да го подобрат односот со нивните најмили и најсакани деца.

Сигурно често пати се запрашувате дали добро ги воспитувате децата, дали сѐ правите како што треба, дали сте добри родители и ред други прашања.

Брзиот начин на живот за жал ни носи и брзи промени во односите со семејството а особено со децата. Најчесто поради недостигот на време, затоа што скоро сите сме преокупирани со работата, немате доволно време кое треба да им го посветите на децата, време во кое ќе ги слушнете нивните потреби и барања, време во кое ќе им прочитате добра книга или ќе изиграте некоја друштвена игра, време во кое едноставно ќе бидете со своите најмили.

Токму поради недостигот на време сте нервозни, напнати и често пати знаете да им се развикате на децата, иако сте свесни дека тоа не е добро. 
Отпосле сигурно кај повеќето се јавува чувство на вина и поголемиот број родители се каат за веќе направената ситуација, но веќе е касно, затоа што таа виканица веќе допрела до невините и искрени мали срца и ги направила да се чувствуваат тажни и потиштени. 

Денешниве совети ќе ви помогнат бесот и лутината кои се насобрале во вас од други причини, да знаете да ги ставите под контрола и да се контролирате во односот со вашето дете/деца, да не им викате без потреба и да не предизвикувате непотребна напната атмосфера во домот.

ШЕПОТЕТЕ
Ако нешто им шепотите, големи се шансите дека ќе се стивнат за да ве слушнат што зборувате. Кога ќе ве прашаат што сте кажале, повторете го тоа со погласен шепот за да ве слушнат. Во многу случаи децата ќе го стивнат и својот глас.

ЗЕМЕТЕ „ТАЈМ АУТ”
Ако некое од вашите деца почне да се расправа со вас, предупредете го дека никој нема да крева глас, ниту вие ниту тој или таа. Напуштете ја просторијата и кажете му дека може да разговара со вас дури кога ќе се подготви мирно и сталожено тоа да го направи.

КОРИСТЕТЕ ГО ТОНОТ НА СВОЈОТ ГЛАС
Сетете се да го спуштите тонот на гласот на крајот од секоја реченица бидејќи во спротивно тоа што го зборувате звучи како прашање а не како наредба.

СМИСЛЕТЕ ПЕСНА И ТАНЦ
Можеби звучи чудно, но дејствува. Ако чувствувате дека ќе почнете да викате, подобро почнете да пеете. Ќе ги исфрлите фрустрациите, а нив ќе ги насмеете.

ПОГЛЕДНЕТЕ СЕ ВО ОГЛЕДАЛО
Уште еден од омилените трикови. Кога ќе почнете да викате, фрлете поглед во огледало. Не е баш убава слика нели? Кога вашето лице изгледа поотпуштено, полесно ќе добиете позитивен одговор и реакција отколку кога викате и се муртите.

НЕМОЈТЕ ДА ИМ КАЖЕТЕ - ЗАПИШЕТЕ
Ако имате нешто важно да кажете, но не сте сигурни дека ќе успеете да останете мирни, запишете на хартија и дајте им го. Ако сте „ модерни”, напишете им мејл или испратете им СМС. Ќе ја разберат поентата без лутиот тон во гласот.

ИЗБИРАЈТЕ ЗБОРОВИ
Кажете им што сакате да направат, а не што не сакате да направат. Никогаш не давајте причини бидејќи детето ќе почне со дебата. Ако ве игнорираат, повторете го тоа три пати. Истражувањата покажуваат дека 40% од децата треба да слушнат нешто три пати пред да го разберат сериозно. Ако ниту тоа не успее, одземете им некоја привилегија. Испробајте го планот од 3 чекори:
     1. Сознајте што сака вашето дете
     2. Објаснете му што сакате вие
     3. Објаснете зошто нешто не смее да прави или зошто нешто мора да прави.

ПОНЕКОГАШ ВИКАЊЕТО Е ДОБРО ЗА НИВ
За родителот може да биде олеснително да викне сѐ додека се работи за кратки испади. Викањето помага и децата да ги изразат своите чувства, а не да ги потиснуваат. Но никогаш немојте да им викате на многу мали деца. Тоа само ќе ги научи на таков начин на комуникација, а тоа секако сакате да го избегнете.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 1799 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус