Занимливост, Интересно
Неверојатни манастирски градби 1 дел
Светите манастирски градби насекаде во светот се наоѓаат на тешко достапни и тешко проодни места.
Но зошто е тоа така и зошто манастирите треба да се наоѓаат токму на вакви места?
Одговорот некако сам си доаѓа, а тој е дека на секој кој сака да посети некои вакви и други слични духовни места, патот кој треба да го помине не треба да му биде ниту малку лесен.
Секој верник треба да доживее еден вид на болка, телесна или духовна, која со силна верба во Бог преминува во леснотија.
Секој искушеник симболично треба да помине по патот на страданието по кој поминал нашиот спасител Исус Христос.
Иако навидум ваквите свети места изгледаат недостижни и недостапни, за оние кои се силно одлучни дека сакаат на момент да доживеат чисто и исконско душевно спокојство, пат постои. Патот е трнлив, макотрпен, тежок и воопшто не е лесен, но тоа е и неговата цел, а таа е по него да можат да поминат само силните и оние чии срца се полни со верба и љубов, а не и неодлучните и неверниците.
Овие се само еден дел од големиот број светски познати манастири, кои се изградени на врвовите на тешко пристапни места и планини.
Ајде да дознаеме нешто повеќе за нив.
„Метеора” во Грција
Метеора е термин кој значи средина на небото, но тоа истовремено е и комплекс од христијански манастири кои се наоѓаат во централна Грција. Манастирите се градени на самите врвови на камените столбови, кои се високи по неколку десетици метри и до кои може да се стигне единствено пешки. Биле откриени од Свети Атанасиј и денес претставуваат вистинска туристичка атракција. Комплексот манастири е ставен под заштита на УНЕСКО, бидејќи претставуваат вистинско светско наследство.
Будистичкиот манастир „Ки” во Индија
Сместен на надморска височина од 4.166 метри, манастирот Ки се наоѓа на Хималаите, во селото кое го носи истото име Ки. Овој манастир претставува верски будистички центар во кој Тибетанските верници ја зголемуваат нивната верба во Буда. Манастирот претрпел голем број на напади, како од страна на Монголите, така и од страна на други армии, но и покрај нив и ден денес манастирот успешно опстојува и претставува едно од најсветите духовни места на земјата.
„Phugtal Gompa” во Индија
Високо на Хималаите лежи уште еден прекрасен манастир кој се наоѓа на надморска височина од 3.800 метри. Манастирот е дом на 70 монаси кои водат мирен монашки живот, а за основач се смета Lama Gangsem Sherap Sampo кој го изградил во 12 - от век. Иако манастирот е изграден од кал, тули, камења и дрва, успешно преживува стотици години.
Манастирот „Paro Taktsang” во Бутан
Легендата за настанување на овој манастир е следната: гуруто Rinpoche, кој се смета дека е вториот Буда, пристигнал на ова свето место на грбот на една тигрица. Само што стигнале, влегле во пештерата каде почнале да медитираат, пештера, која и ден денес се наоѓа во ѕидините на манастирот. Манастирот е изграден во 1692 година, а обновен е во 1998 година. Строго е забранет влезот за посетители и претставува место каде се вежбаат и се негуваат Будистичките религии. Поради легендата уште е познат и под името „гнездото на тигарот” и се наоѓа во Бутан, исто така на Хималаите.
Манастирот „Xuan Kong” во Кина
Во провинцијата Шанкси во Кина, се наоѓа т.н. висечки манастир кој е изграден директно на карпите на планината Хенг. Самата конструкција и градба на манастирот дава чувство на нестабилност и несигурност, чувство дека при посилен ветар ќе се сруши и ќе се срамни со земјата, но изграден е толку силно и цврсто што веќе 1400 години успешно опстојува и претставува вистинско духовно светилиште.
Додади коментар