од мој агол

Леле луѓе што правиме!

22 август, 06:30

Величенствениот го мачат одлуките од минатото, а Хурем Султан и понатаму се обидува да остане влада во сенка.

Едвај ги надминавме проблемите на Џемиле која мака мачеше да излезе на крај со бурите во кои постојано запаѓаше (има и реприза за оние до кои не стигнала бурата), а веднаш нови проблеми и секирации за „петте сестри” и нивната потресна животна приказна.

„Малечката невеста” порасна, ама нејзината приказна некако се издолжи, да не речам е бесконечна, а плачењето и несреќите никако да престанат. Кутрата таа.

Арчана сè уште гори во своите „огнови на љубовта”, со „Карадај” и Фериде не се знае што ќе биде, а ако нивните проблеми не ви се доволни, секогаш може да се навратите на „имитацијата на животот”, да сочувствувате со „една силна жена”, да страдате заедно со „страдалничка”, да ја пеете „мојата тажна песна”, а во меѓувреме да ја слушнете „приказната за девојката од планината”.

Тешки времиња се ова драги мои. „Бурни времиња” за сите нас.

Добро бре луѓе, што правиме? До кога вака?
Дајте да прочитаме некој весник, да не речам книга, да слушнеме нешто поразлично од гласовите на Дејан Лилиќ, Сашко Коцев, Билјана Беличанец, Јелена Жугич... Не дека немаат убави гласови, добри си се тие, ама што е многу, многу е.

Наместо да гледаме турски серии, или недај боже индиски, да се вратиме на старите добри безвременски филмови. Ако ништо друго, ќе научиме некој странски збор.

Или пак да се посветиме на енигматика. Да си решаваме Бла Бла, ем ќе се забавуваме, ем ќе си прочитаме нешто интересно, ем нема да нè боли главата за проблемите на Карадај и Фериде, ниту ќе се потресуваме за загубата на принцовите на Султан Сулејман.

Не е лесно, знам. Не можеш да избегаш од сериите, се соживуваш со ликовите и како хипнотизиран си седиш пред телевизор, да не пропуштиш некоја епизода.

Ами како, секоја епизода е важна и мора да бидеш во тек, за кога едвај ќе најдеш време да пиеш кафе со пријателките, да можеш да се вклучиш во муабетот.
Леле луѓе, што да правиме? Како да излеземе од бурата која се надвиснала над нас, а нема абер да си замине?

Тешки времиња се ова, но ќе ги надминеме. Полека, полека, ќе почнеме еден по еден да се будиме, ќе нè огрее и нас сонце.
Не сме толку безнадежни, ќе ја надминеме ние оваа бура, ќе видите, само ни треба уште малку време.

А време се има колку да сакаш.


Тексот подлежи на авторски права


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 3279 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус