од мој агол

Најновата мерка на Владата – Престанете да дишете!

29 декември, 00:35

Воздухот ми ти бил загаден. Кичево, Тетово, Битола и Скопје се гушат, но место за грижа нема. Владата презема неверојатно „корисни” мерки, па лицата над 60 години и трудниците се ослободени од работните обврски. Останатите нека ја применат најновата заштитна мерка – нека не дишат!

За да биде уште поинтересно, нашата ни Влада дојде до едно чудесно откритие – најголема причина за загадувањето меѓу другото се и домаќинствата кои се греат на дрва.

А што да им направиме? Да им забраниме да се греат и да им ги конфискуваме дрвата, а Владата да излезе со нова кампања која деноноќно ќе се врти по телевизиите (впрочем како и останатите владини кампањи), овој пат под мотото „Немој да се грееш, оти ме гушиш”??? А може и оваа – „Ти мрзни, за јас да дишам”.

Второто решение е да воведеме казни. Имаме високи казни за плукање на улица, за зборување на мобилен додека возиме, за не носење појас во автомобил, па казна ако долниот веш го ставиш на тераса да се суши... Имаме едночудо казни, па зошто да не воведеме една и за греење на дрва? Ако ставиш повеќе од 10 дрва во шпоретот дневно, ти следи казна. Да ги видам тогаш дали ќе помислат да се греат, а ние тука да се гушиме.

Ах оваа моја чудесна земја! Вината секогаш се бара кај народецот кој мака мачи да го истурка денот, а вистинските виновници секогаш успеваат да се извлечат.

Решение тешко дека ќе се најде во скоро време, затоа памет во глава и задолжително применете ја најновата заштитна мерка – престанете да дишете.
Друго чаре нема!

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2676 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

18 април

18 април

Денес се навршуваат 59 години од смртта на Алберт Ајнштајн, генијалец со објавени над 300 научни и 150 ненаучни трудови.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус