Пилатес и јога
Power јога
Покрај многуте видови на јога кои постојат и првенствено се наменети за смирување на умот и постигнување на единство помеѓу умот и телото, постојат и видови на јога кои се наменети за намалување на телесната маса.
Еден таков вид на јога која зема сѐ поголем замав е така наречената power јога.
Практикантите на овој вид јога вежбаат динамични стилови на јога, а power јогата е базирана врз основа на ashtanga јогата.
Овој вид на јога почнал да се развива и да се шири во деведесеттите години на минатиот век.
Не постои некоја голема разлика помеѓу power јогата и останатите видови на јога.
Во оваа јога единствено како крајна цел се сака да се постигне зацврстување на мускулите и намалување на масното ткиво кај практикантите, па поради тоа вежбите се малку подинамични и побрзи од останатите видови на јога, а потењето е пропратно и неизоставно во power јогата.
При изведувањето на вежбите мора да се координира дишењето и движењата. Ова координирање придонесува да се зголеми силата и издржливоста, придонесува да се совлада контролата на дишење и концентрација, да се зацврстат зглобовите и да се постигне поголема еластичност на телото.
Со сето претходно спомнато се намалува и можноста за добивање на повреди во текот на изведбата.
Меѓутоа, покрај што power јогата делува на физичкиот изглед на телото, таа исто така влијае и ментално и здравствено, се постигнува опуштеност, се зголемува енергијата и виталноста на телото, се подобрува крвотокот, а со тоа се подобрува функционалноста на сите органи во телото.
Дали ќе одберете power јога или некоја од останатите видови зависи од вас, од вашиот начин на живот, вашата здравствена состојба и условите во кои живеете.
Но, без разлика кој вид на јога ќе го одберете, посветете му се максимално и уживајте во опуштеноста и смиреноста, состојби кои денес е многу тешко да се постигнат.
Додади коментар