Пилатес и јога

Што е медитација?

31 мај, 11:16

 

 

 

 

 

 

Зборот медитација е многу тесно поврзан со јогата.

Практикантите на јога многу добро знаат дека медитацијата е неизоставен дел од јогата, а може да се каже дека постигнувањето на добра медитативна состојба е и крајната цел на секоја јога.


Но што всушност е медитацијата и како се постигнува?


Медитацијата е техника со помош на која физичкото и духовното тело се доведуваат во хармонија.
За време на медитација се ослободуваат сите енергетски блокади кои ги има во телото, се зголемува енергетскиот проток и се зголемува свеста.

Се смета дека медитацијата е првата техника која се практикува многу одамна, при која луѓето нашле мир и задоволство во самите себе.

Секој се стреми колку што може повеќе да се опушти за време на медитација.

На почеток, самите вежби кои се изведуваат на часовите по јога имаат за цел да го насочат вниманието на одреден дел од телото, кој во одреден момент на изведба е активен. Самото ова насочување на мислите и совладувањето на техниката да се остане колку што е можно повеќе време со насочено внимание, е вовед во медитацијата.
Истовремено со насочувањето на мислите, се вежба и концентрација, која исто така е многу важна и корисна во секојдневното живеење.

Откако добро ќе се извежбаат концентрацијата, насочувањето на мислите и останувањето подолго време со насочено внимание, се преминува на медитација, за која поинаку и поедноставно може да се каже дека е состојба во која НЕ ТРЕБА ДА СЕ МИСЛИ НА НИШТО

На почеток секако дека е многу тешко да се постигне оваа состојба, затоа што мислите како за инает тогаш ќе се „растрчаат” на сите страни и мозокот тогаш ќе најде за згодно да анализира некои настани од минатото. Но ваквите нормални појави не треба да ве обесхрабруваат, напротив, треба да ве мотивираат и да ве натераат да се борите со нив, а по одредено време успешно да се справите со нив.

Всушност, целта на медитацијата е да го смири умот и да го стави под контрола, не треба умот вас да ве раководи и контролира, туку вие треба да ја имате контролата над вашиот ум. 
Оваа состојба на контрола над умот и мислите може да се постигне со секојдневно вежбање од најмалку 5 минути дневно, вежбање кое се состои од седнување во удобна положба, опуштање на телото и немислење на ништо.

Благодатите кои се постигнуваат со секојдневна медитација даваат многу добри резултати по однос на здравјето.
Веќе е научно докажано дека медитацијата ги подобрува интелигенцијата, памтењето и способноста за учење.

Луѓето кои редовно медитираат имаат добро развиена интуиција и се поинтелигентни, имаат позитивни ставови кон животот и кон сѐ околу нив, помалку критикуваат и знаат да уживаат во благодатите на животот, кога ќе се соочат со некој проблем имаат способност да ја откријат причината за настанувањето на проблемот и да најдат прави решенија за да го решат проблемот.

Во ова денешно бурно време, кога стресот нè демни на секој чекор, многу ни е потребно да се опуштиме, да се релаксираме и на момент да избегаме од секојдневието и секојдневните проблеми.
Ова може да се постигне само со медитација, која доколку правилно и редовно се практикува во времетраење од само 20 минути, ќе ви даде исти резултати кои ќе ви ги даде и добриот сон од неколку часови.

Медитацијата на некој начин ги полни вашите батерии и тоа со енергија која се наоѓа длабоко во вас, енергија која токму медитацијата е способна правилно и корисно да ја искористи.


Уште денес седнете и пробајте да медитирате, пробајте барем 5 минути на ништо да не мислите и ќе видите колку ќе бидете пријатно изненадени после тие 5 минути.
​Ништо не може да изгубите, може само да добиете, затоа пробајте!


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 8559 пати.

Коментари [1]

Владимир

Има уште многу да се зборува за медитација, но ова е добар почеток :-) Ако некој не успева да не мисли на ништо, тогаш може да проба со повторување на една иста мисла или збор (мантра).

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус