Пилатес и јога

Заблуди за јогата

08 август, 07:57

Голем број од луѓето кои до сега немаат дојдено во допир со јогата, или пак воопшто не слушнале ништо за неа, имаат сосема погрешно мислење за тоа што всушност е јогата и зошто таа се практикува.

Поради незнаењето, кое всушност е најголемиот непријател на човекот, таквите луѓе најчесто јогата ја етикетираат како нехристијанска дисциплина, нешто кое не може секој еден човек да го прави, нешто што е несвојствено за нашите простори, а пак некои одат и дотаму што мислат дека јогата е некаква секта ...

Во продолжение дознајте кои се најчестите заблуди кои некои луѓе ги имаат за јогата, информирајте се и ако до сега и вие сте биле дел од тие луѓе, време е да го промените вашето мислење.


1 заблуда - јогата е религија


Јогата не е религија, јогата е дисциплина. Таа е филозофија, знаење за животот, збир од техники кои му помагаат на секој еден кој ги практикува да биде она што е.
Јогата помага да се одржи здравјето, да се биде физички, ментално и емотивно здрав, да се има здрав дух. Јогата едноставно ве прави да се чувствувате среќно.


2 заблуда - јогата е прелесна


Мислењето дека јогата е многу лесна за изведба секако дека е погрешно.
Ни малку не е лесно да се седи во одредена положба подолго време, а да не зборуваме за умот, кој после 10 до 20 секунди ќе почне да прави филмови, ќе почне да ја планира вечерата, да смислува што да се облече за излегување и ред други работи.
Значи јогата нè учи на истрајност, на упорност, нè учи како умот да си го ставиме под контрола и нè учи да бидеме свесни и присутни за секој еден момент во кој се наоѓаме - а тоа во никој случај не е лесно и не се постигнува за кратко време.


3 заблуда - за јога потребна е еластичност


Ова е уште едно погрешно размислување.
Еластичноста на телото не е пресудна за јогата. Нормално дека многу полесно ќе се совладуваат нови техники и положби на телото (асани) ако сте повеќе еластични, но тоа во никој случај не значи дека ако не сте еластични не треба да се запишете на јога. Напротив, јогата покрај другите позитивни ефекти, ќе го направи телото да биде поеластично, а со самото тоа и ќе ги намали шансите за добивање на посериозни повреди и истегнувања и ќе го чува нашето здравје во старите денови.


4 заблуда - секој може сам дома да вежба јога


Одлуката сами да почнете да вежбате јога во вашиот дом е сосема погрешна. Резултати на таквото вежбање можат да бидат посериозни повреди на телото, неправилно изведување на вежбите, неправилно дишење и сосема погрешно научени изведби на вежбите. Не можете самите да се видите отстрана како ги изведувате вежбите, дали се како што треба или не. Оваа и веќе спомнатите грешки се доказ дека јогата треба да се изведува под надзор на стручни учители по јога.


5 заблуда - јогата го топи вишокот килограми


Практикувањето на некои видови јога кои имаат поинтензивна изведба на самите вежби, можат да доведат до топење на масните наслаги, но нивното место ќе се пополни со мускулната маса, која како резултат на изведбата на напорните вежби ќе го зголеми својот обем. Па така наместо да имате помалку килограми, вие ќе имате повеќе килограми, бидејќи мускулите се потешки од масните наслаги, но истовремено ќе имате и убаво обликувано тело.
Слабеењето не е цел на јогата, тоа може да се добие кога паралелно со јога се вежбаат и некои поинтензивни кардио вежби и кога се внимава на храната.
Откако ќе ја постигнете вашата посакувана тежина, тогаш јогата може ви помогне да ја зачувате таа тежина, а истовремено ќе ви помогне да го задржите вашето здравје, еластичност и младост.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2250 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус