Посни гурабии
Ако ви се јаде нешто вкусно, нешто крцкаво и посно и нешто што е многу лесно за подготовка, тогаш нашиот денешен предлог рецепт е наменет токму за вас.
Посните гурабии се колачите кои на прв момент ќе ве освојат со нивниот вкус, одлично одговараат со чаша добро вино и секако задолжително е да се консумираат во присуство на најблиските и најсаканите.
Состојки за тесто:
2 шолји масло
1 шолја бело вино
2 лажици шеќер
1 прашок за печиво
брашно по потреба
Состојки за фил:
150 - 200 гр. сечкани или толчени ореви
2 лажици шеќер
Состојки за прпелкање:
½ кг. шеќер во прав
2 кесички ванилин шеќер
Подготовка:
Во подлабок сад се ставаат сите состојки без брашното.
Убаво се мешаат состојките и постепено се додава брашно.
Смесата која треба да се добие не треба да биде мека ниту премногу цврста, значи да е средна по мекост.
На почетокот смесата се меша со жица, а потоа како што ќе згуснува се меси со раце.
Добиеното тесто се остава да постои 5 до 10 минути и потоа се сучи во кора која треба да е со дебелина од 1 см.
Со чаша се вадат форми - кругови. На секоја половина од круговите се става по едно мало лажиче од филот со сечкани ореви и шеќер, потоа другата половина од кругот се префрла врз половината со филот за да се добие половина круг. Краевите на половините убаво се притискаат за да се залепат, а може да се употреби и виљушка.
Добиените гурабии кои отприлика треба да се околу 70 парчиња се редат во плех обложен со хартија за печење и се печат во претходно загреана рерна на 220°Ц 20 минути додека да поруменат.
Откако ќе се извадат од рерна додека сѐ уште се топли, убаво се прпелкаат во шеќерот во прав измешан со ванилиниот шеќер и со помош на рацете врз гурабиите убаво се тапка шеќерот во прав за да убаво се залепи и за да остане подолго време на нив.
Пријатен апетит!
Додади коментар