Поучни приказни

Највисоката цена

16 јули, 07:25

Еден златар седел во својата отмена златара и преку излогот ги набљудувал минувачите.

Едно мало девојче се приближило до излогот, го залепило неговото носе на стаклото и љубопитно гледало што сѐ било изложено во него. 
Неговите небесно плави очиња радосно светнале кога здогледало некој предмет изложен во излогот. Одлучно и самоуверено влегло во златарата и со нејзиното мало прсте покажало кон ланчето од излогот на кое имало камчиња со тиркизна боја.

„Тоа е за мојата сестра. Можете ли да го спакувате како подарок?” - прашало девојчето.

Златарот не можел да поверува што му зборува малото девојче, па го прашал: „Колку пари имаш?”

Малото девојче се подигнало на прсти и од нејзината лимена кутија истурило сѐ што имало во неа пред касата на златарот. Во кутијата на малото девојче имало неколку железни парички, неколку книжни банкноти, 5-6 мали школки и други ситни играчки кои тоа си ги берело.

„Дали ова ќе биде доволно?” - прашало гордо девојчето. „Сакам на мојата постара сестра да ѝ купам подарок. Откако останавме без нашата мајка, таа прави сѐ што треба и нема време за себе. Денес нејзе ѝ е роденден. Сигурна сум дека со овој подарок многу ќе ја израдувам. Нејзините очи се со иста боја како тиркизните камчиња на ланчето.”

Златарот отишол до излогот, го зел ланчето и убаво го спакувал во прекрасна црвена кутија.

„Земи го и внимателно однеси го кај твојата сестра” - му рекол на девојчето.

Малото девојче го зело подарок и го носело како победнички пехар додека излегувало од продавницата.

После еден час во продавницата влегла прекрасна девојка со долга коса со боја на мед и со прекрасни очи со тиркизна боја. До касата ја ставила кутијата која трговецот внимателно ја спакувал и го прашала:

„Дали ова ланче е купено од вашата продавница?”

„Да” - одговорил продавачот.

„Која е цената на ова ланче?” - повторно прашала младата девојка.

„Во мојата работа цените се доверливи, ги знаат само оние кои ги купуваат моите производи и јас” - ѝ одговорил златарот.

„Мојата мала сестра имаше само неколку парички и сигурна сум дека не можела со нив да го плати ова скапо ланче” - рекла девојката.

Златарот ја завиткал повторно кутијата со ланчето и ѝ ја вратил на девојката.

„Немојте да се грижите, вашата сестра ја плати најголемата цена, таа даде сѐ што имаше” - ѝ одговорил златарот. 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2466 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 Март

29 Март
Во 1943 година е роден познатиот грчки композитор на електронска музика Евангелис Одисеас Папатанасиу или за јавноста познат под уметничкото име Вангелис.
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус