Поучни приказни

Не е сѐ така како што изгледа

19 ноември, 00:18

На некој возрасен човек кој бил на 70 и повеќе години кој целиот свој живот се занимавал со сточарство, поточно со овчарство, државата одлучила да му помогне со тоа што ќе му додели пензија која ќе му биди доволна за скромен живот.
При чинот на доделувањето на пензијата некоја новинарка го замолила да ѝ раскаже некоја случка од неговиот живот која тој никогаш нема да ја заборави додека е жив и која уште долги години ќе остане во неговите сеќавања.
Старецот без да размислува веднаш почнал да ја раскажува неговата приказна.

„Бев некаде на 20 години кога случајно наидов на куче во шумата. Бидејќи беше мало и напуштено го зедов со мене и одлучив да го чувам. Поминуваа месеци и месеци и како што тоа растеше комшиите почнаа да ме зборуваат дека сѐ повеќе и повеќе почнува да личи на волчица и дека треба колку што е можно побрзо да се ослободам од него. Бев многу млад и тврдоглав и не сакав никого да слушам, па така одлучив и покрај нивните зборови да си ја чувам малата кучка која сѐ повеќе и повеќе ми беше приврзана и каде и да одев одеше со мене и ме чекаше.
И така годините врвеа ...

Еден ден легнав малку да се одморам и во сонот слушнав некаква бучава, завивање и цвичење и додека се расонив и дојдов при себе сѐ повторно беше тивко и мирно, како ништо да не се случило. Излегов надвор за секој случај да проверам дали сум сонувал или не и бев запрепастен кога здогледав како целото стадо овци е заклано, а волчицата која како што растеше сѐ повеќе наликуваше на вистинска волчица беше целата облеана во крв и со страв но и со бес во очите тивко ме набљудуваше.
Со трчање без да размислам влегов во куќата, ја зедов пушката и ја убив на лице место.
Бидејќи не знаев што да правам со овците ги повикав комшиите да ги земат додека месото сѐ уште им беше здраво и јадливо.
Додека ги преместував закланите овци заедно со своите комшии забележавме дека на средината на стадото имаше три огромни заклани волци и дури тогаш разбрав каква грешка направив со тоа што ја убив мојата долгогодишна и верна волчица.”


Никогаш не е сѐ така како што изгледа на прв поглед и поради тоа никогаш немојте да ги проценувате луѓето или некои ситуации на основа на она што ќе го забележите на прв поглед.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2330 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус