Поучни приказни

Приказна за изгубениот син

17 јули, 09:48

Еден човек имал два сина. Кога пораснал, помладиот син му рекол на својот татко:

„Татко, сакам да ми го дадеш делот од имотот што ми припаѓа мене”. 

Таткото така и направил, им го поделил имотот на два еднакви дела.

После неколку денови, младиот син го зел својот дел и заминал да шета по светот. Се опуштил малку повеќе и сите пари кои ги носел со себе ги потрошил на разуздан живот, трошел колку што имал, јадел, пиел и се веселел по цели денови и ноќи.
Откако потрошил сѐ што носел со себе, во земјата каде што престојувал завладеала сиромаштијата и гладот, па така синот бил приморан да си бара работа за да може да преживее. 
Се вработил како слуга кај некој човек за да му ги чува прасињата. 
Бил гладен и изнемоштен бидејќи по неколку денови немал што да јади, му давале само сува корка леб која не можела да го залажи и најаде. Во еден момент седнал и си помислил на својот татко, си помислил на тоа дека во неговата куќа за сите секогаш има јадење во изобилие, па дури и за слугите. Откако убаво размислил решил да се врати кај него и да го моли за прошка со зборовите:

„Татко, згрешив многу, ти згрешив и тебе и сведок ми е небото за тоа. Не сум повеќе ни достоен за да бидам твој син. Те молам да ме примиш во својот дом барем како слуга”.

Се спремил и тргнал на пат. Кога почнал да се приближува до местото каде живеел неговиот татко и постариот брат, слугите го виделе дека доаѓа и го известиле неговиот татко.
Кога го здогледал таткото, силно го прегрнал и го бакнал во челото. Синот со длабока тага во својот глас и искрено ги изговорил зборовите кои претходно решил да му ги каже. На тие зборови таткото на неговите слуги им наредил да го облечат како што треба, да го дотераат и да спремат да се подготви печено теле кое ќе го јадат во чест на синот кој се врати, синот кој до сега беше мртов, а сега оживеа, синот кој беше изгубен, а сега се најде.
Така направиле и се веселеле цела ноќ.

Постариот син бил да работи на полето и кога се враќал доцна во ноќта, од далеку ја слушнал веселбата и музиката во куќата на неговиот татко. Кога се приближил прашал еден од слугите што се случува и откако слугата му објаснил дека се прави веселба по повод враќањето на неговиот брат, се налутил и не сакал да влези во куќата.
Кога неговиот татко го забележал, веднаш истрчал кај него и барал од него да влезе и да присуствува на веселбата. На тоа синот му рекол:

„Толку години ти служам и никогаш не ги прекршив твоите закони и правила, а ти никогаш не ми дозволи да организирам веселба заедно со моите другари. Сега кога твојот помал син се врати бидејќи потроши сѐ што му даде, погледни каква веселба направи”. 

На тие зборови таткото му одговорил:

„Сине мој, јас знам дека секогаш ќе бидеш покрај мене бидејќи си паметен и знај дека сѐ што имам јас е твое. Но и двајцата ние треба да се радуваме и веселиме бидејќи твојот брат, кој претходно беше мртов, сега е жив, беше изгубен, а сега се пронајде, затоа сине радувај се”.


Некогаш треба да искусиме некои непријатни работи, работи за кои не сме можеле ниту да помислиме дека можат да ни се случат, за да почнеме да размислуваме правилно и да почнеме да го цениме она што животот ни го дал.

На своја кожа треба да ги осетиме нештата кои не сакаме да ни ги прават нас, за да почнеме и ние да не му ги правиме на другите.

Треба да сме благодарни за она што го имаме, да се трудиме да ги зачуваме благодетите кои животот ни ги подарил и да бидеме чесни и одмерени во своите постапки, побарувања и размислувања.

Никогаш не е доцна да се освестиме и да се вратиме на правиот пат, на патот кој води кон просветлување.

Сѐ што треба е да посакаме искрено и од срце тоа да го направиме и верувајте тоа и ќе се случи! 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 5837 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

23 април

23 април

Во 1616 година починал Вилијам Шекспир, англиски поет и драматург, автор на 38 драми, 154 сонети и неколку поеми.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус