Поучни приказни

Виолината со една жица

06 октомври, 00:01

Во некои ситуации кога работите не се случуваат како што ние имаме замислено дека треба да се случуваат, не треба да очајуваме и да се нервираме, туку треба да се потсетиме на приказната за виртуозот на виолина Николас Паганини.

Многу често виолинистот со маестралната изведба, но и со одличната импровизација на мелодиите ја воодушевувал публиката.
На еден од концертите пред многубројната публика изведувал прилично тешко дело. Опкружен од оркестарот и самиот Паганини уживал во својата изведба кога во еден момент, пред изведбата на претпоследниот дел од мелодијата пукнала една жица од неговата виолина. На лицето се забележало неговото непријатно изненадување и иако бил разочаран продолжил да го изведува делото. Веднаш после неколку секунди пукнала уште една жица, а за ситуацијата да биде уште понапната, пукнала и трета жица. Со скинати три жици виртуозот на виолина продолжил и понатаму да свири на единствената жица која останала, доведувајќи ја до совршенство импровизацијата на мелодијата.
После завршувањето на изведбата, публиката воодушевена аплаудирала долго време наградувајќи ја неговата ладнокрвност и снаодливост со кои успешно го завршил делото во ситуација кога тоа скоро и било невозможно.
Откако овациите стивнале Паганини ја замолил публиката да седне. Потоа им ја покажал виолината од која виселе трите скинати жици, му дал знак на диригентот и повторно почнал да свири на виолината со една жица, откако публиката почнала да вика Паганини знае да свири и со една жица.
На својата едножична Страдивариус виолина ги отсвирил последните завршни ноти, додека луѓето од публиката со неверување забележувале како пред нивните очи невозможното станува возможно.


Приказната не тера да сфатиме дека без разлика на тоа колку нашите животи се исполнети со проблеми, грижи и разочарувања, секогаш треба да најдеме начин да се бориме, да останеме присебни и на крајот да сме победници земајќи го животот под наша контрола.

Не треба да губиме предолго време концентрирајќи се на жиците кои пукнале, бидејќи не може веднаш, во истиот момент да се поправат или променат.
Не треба да забораваме дека секогаш, во секоја ситуација останува барем една функционална и исправна жица која може да ни даде надеж и поттик, која треба безрезервно да се прифати и со која вреди да се импровизира.

Некогаш и само една жица е доволна за да се создаде прекрасна музика, па поради тоа во моментите кога мислите дека ви е тешко, фатете се за онаа една единствена исправна жица во себе и составете мелодија која ќе ве вивне високо кон висините и ќе ве натера да верувате дека невозможното во дното на срцето може да се претвори во возможно.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2397 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

26 април

26 април

Во 1992 година денарот стана официјална валута на Република Македонија.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус