Животен стил, За неа

Природни маски за лице

19 септември, 06:33

Плодовите кои ни ги дава природата, покрај за подобрување и одржување на здравјето, можеме да ги искористиме и за негување и зачувување на убавината на телото и лицето.

Маските за лице кои се направени од природни состојки содржат природни лековити материјали, бидејќи во својот состав овие природни состојки содржат голем процент на витамини и минерали.

Поради лековитоста на природните состојки, маските за лице делуваат благопријатно скоро на сите типови кожа.
Тие ја хранат кожата, ја освежуваат, ѝ ја даваат потребната еластичност и ја прават да изгледа младешки, чиста и свежа.  

Пред да одберете која маска да ја подготвите и да ја нанесете на кожата на лицето, внимателно треба да го утврдите типот на вашата кожа, па според него и да ја одберете соодветната маска.

Во продолжение на статијата ќе ви објасниме како можете да подготвите природни маски за лице и како треба истите да се нанесуваат на кожата.


Маска од домат

Доматот можете да го искористите на повеќе начини. Наједноставно е да го исечкате на тенки кругови и да го ставите на лицето, кое претходно треба убаво да е исчистено.

Маската која се добива на ваков лесен начин одлично ја чисти кожата и ги затвора проширените пори.

Исто од домат можете да направите уште една маска. Свеж и убаво узреан домат пресечете го на половина и со едната половина добро премачкајте ја површината преку целото лице. Откако сокот убаво ќе се исуши, лицето измијте го со млака вода.


Маска од краставица 

Сокот од краставица можете да го сочувате за да го користите во периодот кога ова овошје нема да можете да го најдете во свежа состојба.

Неколку свежи краставици се мелат во машина за мелење месо. Сокот кој ќе се добие се цеди преку чиста газа и се собира во шишенце. 
За добиениот сок да трае подолго време, можете во него да ставите чист алкохол. На 1 литар сок од краставица треба да се стави 250 мл. алкохол. Ако добиете помалку сок, ќе ставите сразмерно и помалку алкохол. Шишето убаво треба да е затворено и се чува на ладно место.

Овој сок од краставица може да се употребува за сите типови кожа, а најмногу се препорачува за мрсната кожа.


Маска од диња

Едно парче од диња убаво исчистете го, пасирајте го со виљушка додека да добиете хомогена смеса и смесата нанесете ја на чисто и суво лице.

Маската од диња можете да ја употребувате и во ситуација кога кожата од било која причина е надразнета и има црвенило и кога ќе се појават изгоретини од сонцето.

Поради големиот процент вода кој го содржи дињата, таа може во голема мера да ја хидратира кожата и да и ја даде потребната еластичност.

Ако имате потреба од хидратација а немате време да ја подготвите маската, доволно е со парчето диња да го премачкате лицето и да оставите дињата сама да си ја заврши работата. Откако смесата ќе се исуши исплакнете го лицето со млака вода.


Маска од јагоди

За сува кожа - 6 до 7 јагоди убаво изгмечете ги со виљушка, додадете 3 до 4 лажици павлака и смесата убаво измешајте ја. Нанесете ја маската на лицето, оставете ја да делува 20 минути и потоа исплакнете го лицето со млака вода, или со млак незасладен чај од камилица.

За мрсна кожа - повторете ја истата постапка како маската за сува кожа, само наместо павлака, во смесата од јагоди додадете неколку капки од свежо исцеден лимон. 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 4724 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус