Разгледници
Како Струга нема друга
Кога ќе се спомне Струга, мислата секогаш ни се враќа на минатото, на браќата Миладиновци, Димитар и Константин, првите македонски преродбеници и собирачи на македонско творештво и на нивната неповторлива „Т’га за југ”. Нивното творештво го направи градот Струга да биде познат надалеку, а во нивна чест и ден денес се одржуваат „Струшките вечери на поезијата”.
Градот Струга се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, во подножјето на планината Јабланица.
Распространет е на двата брега на реката Црн Дрим, а неговиот северен дел излегува на Охридското Езеро.
Историјата кажува дека за настанокот на името на овој град постојат две преданија.
Според првото, името настанало од самата местоположба на градот, т.е. тоа е местото каде што постојано струже (дува) ветер.
Според второто предание името настанало според одгледувачите на стока, т.е. сточарите, кои својата стока ја носеле на ова место на стриг (стрижење на волна).
Без разлика како настанало името, важно е дека е вредно за спомнување, како по Миладиновци така и по Црн Дрим кој тука, во Струга, се излева од Охридското Езеро.
Многу туристи кои ја посетиле Струга, со право велат дека како Струга нема друга, бидејќи се маѓепсани од убавината и необичноста на градот, како во минатото, така и денес.
Со старите фотографии од овој исконски град, на момент ќе ве навратиме во неговото минато и ќе ви дадеме можност да ја запознаете Струга во поинакво руво.
Коментари [1]
AnaNekogas vistina kako Struga nemase druga ;A sega ni ostanuva samo e vaka da se potsetuvame na nasiot nekogasen prekrasen grad.So posebna prirodna ubavina koja denes ja nema ,,kako sto ni kaj covekot..zalosno..
Додади коментар