Животен стил, од мој агол

Разрешена е најголемата мистерија за Македонија!

14 февруари, 06:14

Разрешена е најголемата мистерија за Македонија! Всушност и не била некоја мистерија, само требало убаво да се размисли.

Читајте внимателно за и вам да ви се разјаснат многу нешта.

Еве како мене сè ми се разбистри, сè си дојде на свое место.

Се рашетав така еден ден низ Македонија да видам како се живее, дали се може, што би рекле некои. Ги посетив Битолчани и посакав да ја видам нивната прочуена спортска сала „Младост” каде некогаш лудо се навиваше за ракометниот клуб Пелистер. А Битолчани ми велат: „Каква сала Младост, таа ако беше младост немаше таванот да ви паѓа врз глава, да трчате по воден под и да ве фаќа промаја од искршените прозорци!”
Аман бре луѓе, зарем во градот на Конзулите има вакво нешто? Башка што си го искршив автомобилот низ битолските улици. Ама ако, барем видов дека во Битола не се може.

Храбро продолжив накај Кичево, имам таму некои пријатели, па им велам да ме водат на фитнес, на кино, на било каква рекреација, а тие ми се смеат. „Не барај од пиле млеко”, ми велат, „Ова е Кичево, во Македонија!” Значи и таму не се може.

Посетив и други градови, ама никаде сонце не ме огреа.

Најпосле стигнав во Скопје. Опа! Конечно бел ден! Влегуваш во Скопје, а чиниш се наоѓаш во некоја светска метропола, насекаде булевари, паркови, милина да ти е да возиш.
Па споменици, па гондоли, музеи, па микроклима, славни маала, да не знаеш каде побрзо да се свртиш, што побрзо да видиш.
И така, во еден момент додека одмарав под коњот, пардон, под Воинот на коњ, токму во тој момент сè ми се разјасни, сè си доби смисла.

Па зошто да се санираат дупките на улиците низ Македонија кога сите патишта водат во Скопје? Важно автопатот да ни е убав.

И зошто ни се кина, театри, спортски сали, кога во Скопје си имаме сè?

Нека си се гради Скопје, за кога еднаш годишно, од приватни причини ќе го посетиме главниот град, да има што да видиме, да бидеме горди Македонци, па да се сликаме со спомениците, па сликите одма на фејсбук, па лајкови, коментари...

Радост голема Македонска!

И уште нешто ќе ви откријам. Не залудно нашиот јужен сосед нè нарекува Скопје, не е тоа затоа што Грците не нè сакаат, напротив, тие цело време ни правеле услуга, сакале да ни ги отворат очите.

Луѓе, не е Скопје во Македонија, обратно е, Македонија е Скопје!

Доста беа грижи и секирации, ајде сите заедно сложно да си го градиме нашето најдобро, па ако досега ни се чудеше половина свет, во иднина цел свет да ни се чуди и да ни завидува.

Залудно сме се противеле, сè си било добро смислено и организирано, само на кој да му текне.

Сега, кога мистеријата е разрешена, заборавете на проблемите, бидете горди на спомениците, останете ми со добро и нека ни е на здравје, Скопје!

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2244 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус