Родителска љубов

28 јануари, 00:01

Некогаш, пред многу години, живеел голем човек кој се оженил со жената која многу ја сакал, бидејќи таа била жената од неговите соништа. 
Од нивата длабока и искрена љубов по извесно време се родило прекрасно малечко девојче. Девојчето било многу паметно и весело, а големиот човек многу го сакал.

Додека девојчето било малечко, големиот човек целото негово слободно време му го посветувал само него, му пеел песнички, му читал приказни и си играл најразличи игри со него, при тоа цело време повторувајќи му една иста реченица: „Те сакам мое мало девојченце”. 

Со текот на времето, малото девојче растело сѐ повеќе и повеќе и големиот човек гушкајќи ја, повторно ѝ ја повторувал истата реченица: „Те сакам мое мало девојченце”. 
Повторувањето на истата реченица се случувало константно и цело време. Девојчето кое веќе и не било повеќе така мало, неколку пати му одговарало на нејзиниот голем татко: „Веќе не сум мало девојче”, но тој само ќе се насмевнел и ѝ велел: „За мене секогаш ќе останеш моето мало девојче”.

По неколку години малото девојче пораснало во голема, прекрасна девојка која ја напуштила нејзината куќа и отишла да патува низ светот. 
По извесно време поминато надвор од сопствениот дом, кога се запознала самата себе, станала свесна за она што ѝ го говорел нејзиниот татко, многу добро ги разбрала и ги сфатила неговите зборови. 
Ја спознала неговата вистинска големина, не онаа физичката, туку внатрешната, духовната големина. Разбрала дека најголемата сила која го издигнувала татко ѝ на толку високо ниво и го правела многу посебен човек, била неговата способност да ја искажува љубовта која тој ја чувствувал кон неговото семејство. 
Без разлика каде таа се наоѓала, тој голем човек ѝ се јавувал на мобилен велејќи ѝ: „Те сакам мое мало девојченце”.

Дошол денот кога девојката добила информација дека големиот човек многу тешко се разболел, бидејќи доживеал силен мозочен удар. 
Докторите од болницата во која бил сместен ѝ објасниле дека нејзиниот голем татко го изгубил говорот, и кажале дека повеќе не може да слуша, дека повеќе не може да оди, да се движи, ниту да се смее. Големиот човек не можел повеќе ниту да гушка и прегрнува, ниту пак можел повеќе да ѝ ги каже неговите омилени зборови: „Те сакам мое мало девојченце”.

Девојката очајно сакала некако да му помогне на нејзиниот татко. 
Кога го видела, забележала дека тој е многу слаб и опаднат. 
Тој пак, кога ја здогледал пробал нешто да проговори, но не успеал. 
„Малото девојче” веднаш легнало до него на болничкиот кревет и со солзи во очите силно го гушнала.
Додека лежела потпрена на неговите гради, размислувала за многу работи, се присетувала на прекрасните моменти кои ги поминале заедно, се сеќавала дека секогаш се чувствувала заштитено кога нејзиниот голем татко бил до неа. 
Ѝ било многу тешко да ја прифати реалноста, не сакала да се помири со фактот дека за некој ден ќе го изгуби нејзиниот прекрасен татко, никако не можела тоа да го прифати. 
Од дното на нејзиното срце жалела што повеќе нема да може да ги слуша прекрасните зборови кои цело време ѝ ги кажувал и повторувал нејзиниот татко со огромна родителска љубов.

Додека лежела ги слушала отчукувањата на срцето на нејзиниот голем човек. Во тие отчукувања, девојката препознала нешто што ѝ било многу мило и блиско, препознала нешто што очајно посакувала да го слушне, во нив таа ги препознала зборовите кои секогаш ѝ ги повторувал нејзиниот татко. 
Срцето отчукувало рамномерно, тивко и смирено, при тоа не обрнувајќи никакво внимание на останатото болно и изнемоштено тело. 

Лежејќи така потпрена со главата на неговите слаби гради, се случило чудо. Девојката го слушнала она што во тој момент ѝ било најпотребно. 
Срцето на нејзиниот татко ги отчукувало зборовите кои устата повеќе не можела да ги изговори ...

Тие биле:

„Те сакам.
Те сакам.
Те сакам.
Мое мало девојченце.
Мое мало девојченце.
Мое мало девојченце”.

Во овие зборови кои ги отчукувало неговото срце девојката нашла мир и утеха.


Радувајте им се на дружењето и на секој поминат момент со вашите родители, слушајте ги нивните совети и зборови, возвраќајте им во поголема мера на нивната подарена и искажана љубов и внимание, бидете со нив и покрај нив секогаш кога ќе можете. 
Љубовта која родителот им ја подарува на своите деца не може да биде заменета со ништо друго што постои на овој свет. Таа е единствена и уникатна, па затоа примајте ја секогаш со отворено срце и душа.
Како што ништо не е вечно на овој свет, така и нашите животи не се вечни. Затоа максимално искористете го заедничкото време кое го поминувате заедно со родителите и радувајте му се заедно на животот.   

 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 6003 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 Март

29 Март
Во 1943 година е роден познатиот грчки композитор на електронска музика Евангелис Одисеас Папатанасиу или за јавноста познат под уметничкото име Вангелис.
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус