Статии

Писмото на поглавицата Сиетл – ода за животот и за вредноста на Земјата

14 март, 05:27

Писмото на поглавицата Сиетл е напишано во 1854 година, како одговор на барањето на Американската влада да купи дел од територијата на Индијанците.

Едноставните зборови на поглавицата Сиетл се едни од најубавите записи за поврзаноста на човекот со природата, за вистинските вредности и едноставноста наспроти богатството и брзиот начин на живот.

Иако беше наменето за претседателот на Америка, писмото на поглавицата Сиетл прерасна во порака до човештвото, прекрасна ода за животот и за вредноста на Земјата која ќе ве плени со едноставната вистина преточена во зборовите на мудриот поглавица.

Кога барем еден мал дел од човештвото би ја разбрал пораката и би се променил, светот би бил прекрасно место за живот.

„Како може да се купи или продаде небото и топлината на земјата? Такво нешто нам ни е сосема туѓо. Ние не сме сопственици на свежината на воздухот и бистрите води. Па како можеме да ги купиме или продадеме? Секое парче од оваа земја е свето за мојот народ. Секоја блескава борова игличка, секое зрно песок во речното корито, секоја магла во темнината на шумата, секоја ливада и секој треперлив инсект се свети во мислите и во животот на мојот народ. Соковите во дрвјата се проткаени со сеќавањата на црвениот човек.
Кога бледоликите мртви одат на прошетка меѓу звездите, ја забораваат земјата која им го дала животот. Нашите мртви никогаш не ја забораваат прекрасната земја, затоа што таа е мајка на црвениот човек.
Ние сме дел од оваа земја и таа е дел од нас!
Миризливите треви се наши сестри. Еленот, дивиот коњ, големиот орел, тоа се наши браќа. Карпестите врвови, сочните пасишта, топлото тело на понито и човекот, сето тоа припаѓа на едно исто семејство.
Кога големиот поглавица од Вашингтон го праќа својот глас дека сака да ја купи нашата земја, тој премногу бара од нас.
Оваа блескава вода што тече низ брзаците на реките не е само вода. Тоа е и крвта на нашите предци. Жуборот на водата, тоа е гласот на мојот татко. Реките се нашите браќа кои ја гаснат нашата жед. Реките ги носат нашите кануа и ни ги хранат децата. Ако ја продадеме оваа земја, мора да знаете и да ги научите вашите деца дека реките се наши, а и ваши браќа. Затоа на реките треба да им пружите добрина каква би му пружиле на вашиот брат.
Ние знаеме дека белиот човек нас не нé разбира. Нему еден дел од земјата му е ист како и било кој друг.
Кон мајката Земја и кон братот Небо се однесува како кон предмети што можат да се купат, ограбат, продадат, како стока или сјаен накит. Неговата алчност ќе ја уништи Земјата и зад себе ќе остави само пустош. Не знам! Нашиот начин на живеење се разликува од вашиот. Белиот човек во градовите нема мирно катче. Нема место каде ќе може да се слушне отворањето на листовите во пролет или треперењето на крилјата на инсектите.
Колку е вреден животот ако човек не може да го чуе крикот на носорогот или ноќната препирка на жабите во барата? Јас сум човек со црвена боја на кожата и не разбирам доволно.
Индијанците го сакаат мекиот звук на ветерот кога си поигрува со површината на мочуриштето и мирисот на ветерот освежен со попладневниот дожд. Најголемото богатство на црвениот човек е воздухот. Сé што е живо на планетата Земја го користи истиот воздух, животните, дрвјата, човекот... На сите ни е потребен тој воздух. Белиот човек како да не го чувствува воздухот што го вдишува. Мора да ги учите вашите деца исто како што ние ги учиме нашите - дека Земјата е наша мајка. Она што ќе ја снајде Земјата, ќе ги снајде и нејзините деца. Ако плука човекот на земјата, плука и на самиот себе.
Земјата не му припаѓа на човекот, туку човекот ѝ припаѓа на Земјата. Сé е во меѓусебна врска, како што семејството е соединето со крв. Сé е поврзано. Човекот не е творец на ткајачницата на животот, туку е само влакно во неа”.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 3008 пати.

Коментари [2]

Miso

ЧИТАМ ДЕКА ОВАА ВЕСТ Е ПРОЧИТАНА САМО 155 ПАТИ И СЕ ЧУДАМ НА НАШАТА СОВЕСТ И ПАМЕТ. ОВАА ВЕСТ ТРЕБА ДА БИДЕ ПРОЧИТАНА НАЈМАЛКУ ОД 4 МИЛЈАРДИ ЛУЃЕ. А ИМА 6МИЛЈАРДИ НА СВЕТОВ. СРАМОТА , ЖИВА СРАМОТА.......

Елена

За жал луѓето повеќе сакаат да прочитаат што прави Ким Кардашијан и слични на неа, отколку нешто што може да им го промени животот на подобро.

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

20 април

20 април

Во 1950 година е роден Столе Попов, еден од најистакнатите македонски филмски режисери.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус