Статии

Што можеме да научиме од децата?

03 септември, 11:49

Детскиот свет крие многу мали радости и тајни кои сите ние сме ги знаеле, но во секојдневната трка на животот сме ги заборавиле или сме ги потиснале длабоко во себе.

Децата нема да нè научат ништо ново, но затоа може да нè потсетат на оние мали – големи нешта кои му даваат смисла на животот.

 


Што можеме да научиме од децата?

Многу нешта кои и самите сме ги правеле како деца, нешта кои нè радувале, начин на размислување кој и возрасните треба да го применуваат, многу, многу навидум мали и неважни нешта кои може да ни донесат радост, секој ден, одново и одново.

За децата секој нов ден е нов почеток. Тие не размислуваат за нештата кои поминале, напротив, секој нов ден им е нова можност за игра, создавање нови пријателства, дружење, смеа... Кога и возрасните би размислувале на ваков начин и на секој нов ден би гледале како на нова шанса, животот би им бил многу поедноставен, позитивен и секако многу посреќен.

„Денот поминат без смеа е залудно потрошен ден” – Чарли Чаплин.
Детската смеа и радувањето со малите нешта е уште една лекција која сме ја заборавиле. Смејте се, секој ден најдете причина за радост и смејте се на глас. Не е секогаш лесно, но сигурно имате барем една добра причина која ќе ви измами насмевка.

Разбудете го детето во себе. Ништо не ве спречува да пеете на глас, да трчате по ливадите, да цртате, да правите сè она што ве исполнува и ве прави среќни. Годините не се и не смеат да бидат пречка за ниедна активност која ве радува.

Една изрека вели дека човекот умира во оној миг кога ќе престане да учи. Детската љубопитност и нивната потреба постојано да учат нови нешта, да откриваат нови светови и да не се плашат од новото и непознатото е одлична лекција за сите нас.

Најпосле, тука е детската искреност, особина која ретко се среќава во денешно време, а која може да промени многу нешта на подобро.

Кога сме заборавиле на искреноста, на радувањето на малите нешта, кога сме ја изгубиле храброста, љубопитноста, кога сме заборавиле на детето во нас?
Тоа постои, во секој еден од нас, и има да ни каже толку многу. Наше е само да го пронајдеме длабоко во себе и да му дозволиме да нè потсети на малите-големи нешта.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2447 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус