Техно Свет

Време е за пролетно чистење на техничките помагала!

01 април, 00:03

Доаѓањето на пролетта секогаш асоцира на чистење, чистење на домот, чистење на куќата, на дворот, ослободување од непотребните работи, но исто така доаѓањето на пролетта подразбира и чистење на компјутерот, лап топот, мобилните апарати, и сѐ друго што спаѓа во техника која секојдневно ја употребуваме.
Можете ли да замислите дека на глушецот од компјутерот се наоѓаат безброј бактерии кои можат да се сретнат и во тоалетот? 
Тргнувајќи од овој податок, од денес па понатаму чистењето на техничките апарати и помагала нека станат ваше секојдневие, за ваше и за доброто на сите околу вас.

Како да се справите со нечистотијата која со месеци, ако не и со години се берела токму на овие места? Како да го исчистите екранот, тастатурата, глушецот и сѐ останато? Прочитајте, информирајте се и продолжете им го животниот век на техничките помагала, а вие обезбедете си поздрав живот.

Најважно од сѐ што треба да го направите пред да почнете било што да чистите е да ги исклучите уредите од струја!

Екранот од компјутерот може да се исчисти со дестилирана вода. Распрскајте по површината на екранот и поминете нежно со многу мека крпа. Никако немојте да користите обична вода бидејќи остава флеки на осетливата површина на екранот. За најдобри резултати купете си специјален раствор за оваа намена.

Куќиштето на компјутерот кое најчесто е гнездо на прашина и нечистотии најдобро се чисти со правосмукалка. Вклучете ја правосмукалката на најслаба брзина и поминете по внатрешноста на куќиштето притоа внимавајќи да не шмукнете некои делови кои се осетливи и лесно се вадат. Откако ќе завршите со правосмукалката тампоните за уши (но само суви, никако водени) ќе ја дозавршат работата за отстранување на нечистотијата на оние места каде правосмукалката не можела да допре. 
Надворешната страна од куќиштето исчистете ја со соодветно средство во зависност од материјалот од кој е направено.

Лап топот се чисти исто како и компјутерот. Екранот како што веќе спомнавме, а тастатурата со помош на правосмукалка. Овој пат вклучена на најсилна брзина лесно ќе ја собери целата нечистотија која се насобрала под копчињата. Ако лап топот од страната има отвори за USB, за читање на картици и слично, повторно со правосмукалката исчистете ја целата насобрана нечистотија од внатрешноста.

Глушецот убаво неколку пати во текот на неделата исчистете го со парче мек материјал натопен во алкохол растворен во вода со ист сооднос. Со истиот раствор можете да ја исчистите и надворешната површина на лап топот.

Таблетите и мобилните телефони кои станаа секојдневие и ги поседува скоро секој човек, се извори на бактерии и се опасна закана по здравјето на оние кои ги користат. Но и за нив има решение. Сѐ што ви треба се медицински алкохол растворен во вода, мека крпа и тампони за чистење. 
Напомена е овие апарати да се чистат на ваков начин доколку имаат заштитна фолија на екраните, ако ја немаат тогаш купете специјално средство за нивно чистење, бидејќи екранот не смее да дојде во директен контакт со алкохолот.

Пролетта не е време само за чистење на уредите кои ги спомнавме, за чистење е и телевизорот, музичкиот систем, слушалките, полначите за мобилни телефони и за други уреди и сѐ што често доаѓа во допир со нашите раце. 
Сигурна сум дека после статијава ќе имате полни раце работа, па затоа започнете со чистење уште денес и не губете повеќе време.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2436 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 април

19 април

Во 1956 година, славната Грејс Кели се повлекла од актерството и стапила во брак со Принцот Рение од Монако.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус