Занимливост
Уникатно декорирани јајца
Велигденската еуфорија се чувствува насекаде, а расположението и пријатното чувство се видливи на лицата на сите кои го слават овој голем празник.
Секако јајцата се во прв план, се бараат нови идеи како да се украсат, во која боја да се обојат, како да се направат да бидат уникатни и несекојдневни, а ако сѐ уште не ви се украсени јајцата бидејќи сте во потрага по нови идеи, тогаш сте на вистинското место.
Идеи за декорирање има многу и веќе некои од нив ви ги покажавме во нашата објавава Време е за Велигденски декорации, но сакаме да ви покажеме и уште некои други интересни и несекојдневни идеи, кои се надевам дека ќе ви се допаднат и ќе го привлечат вашето внимание.
Денес е Велики петок, неработен ден, ден кој можете да го посветите на декорирање на велигденските јајца, па затоа ви предлагаме да ги погледнете нашите фотографии, да одберете од нив она што ќе ви се допадне на прв поглед, да набавите тоа што ќе ви биде потребно и да уживате во декорирањето на јајцата.
Интересни салвети, четка и белка од јајце ви се потребни за да добиете вакви декоративни јајца. Салветата се обложува околу свареното јајце, се премачкува со белката, вишокот се отстранува со ножичка и се остава јајцето убаво да се исуши. Може наместо цела салвета да исечете од неа интересни делови и на истиот начин да ги украсите јајцата.
Т.н. „мермерни јајца” стануваат сѐ повеќе популарни. Потребни ви се лакови за нокти во повеќе бои, сад со вода и чепкалка. Во садот со водата се капнува од лаковите и површината на водата се меша со чепкалката додека да се добие некоја интересна форма. Потоа сварените и оладени јајца држејќи ги со прсти или со фаќалка се потопуваат во водата при што на нив ќе се залепи тоа што како форма ќе биде добиено од лаковите во водата. Се прави едната половина на јајцето, се остава да се исуши, па се повторува постапката со другата половина. При секое поклопување на јајцата во водата, претходно се прави форма со капки лак.
Само фломастер во црна боја ви е потребен за да добиете црно - бели јајца. На оладеното јајце нацртајте тоа што сакате и крајниот резултат ќе биде оригинален.
Прасенце, зајаче, овчичка, пчелка, птица, глувче, девојче, момче, прасе, пајче и уште многу други животинчиња и ликови можете да ги направите со помош на хартија во боја, памук, вуница и фломастер.
Разгледајте ги идеите и одберете нешто по ваш вкус.
Можете со фломастери во боја на јајцата да ги напишете имињата на личностите на кои ќе им ги подарувате. Верувајте дека ќе бидат пријатно изненадени.
Со темпери и четка можете да направите вистински ремек дела. Претворете ги јајцата во јунаците од цртаните филмови и подарете им ги на најмалите во семејството. Нивната среќа и радост ќе бидат неизмерни.
Во продолжение погледнете и други идеи за декорирање.
Експериментирајте, истражувајте бидете трпеливи и овој Велигден имајте уникатни Велигденски јајца.
Резултатите од секоја работа која се работи со многу љубов и посветеност се неверојатно убави и несекојдневни, па затоа уживајте додека ги украсувате и декорирате велигденските јајца.
Честит Велигден и да го славиме уште многу, многу години
Додади коментар