Како изгледа еден викенд во Кан?
Француската ривиера плени со својата идиличност.
Прекрасните песочни плажи, живописната природа, островите, храната..., сè како да е создадено за максимално уживање на сетилата.
Ако на сето тоа го додадете и градот домаќин на еден од најпрестижните филмски фестивали, тогаш уживањето ќе биде комплетно.
Како изгледа еден викенд во Кан?
Ако сакате да сретнете некоја од филмските ѕвезди, прошетајте по Улицата на славата каде се наоѓаат отпечатоците од дланките на Кетрин Денев, Квентин Тарантино, Анџелина Џоли и уште кој ли не. Којзнае, можеби некој од нив и ќе помине покрај вас додека се шетате по оваа позната улица.
Љубителите на историјата и уметноста сигурно ќе уживаат во прошетката низ Музејот Де ла Кастре, сместен во средновековен замок кој сам по себе претставува туристичка атракција.
Музејот е ризница на антиквитети од целиот свет, особено од Медитаранот и Блискиот Исток. Уметничките колекции од Америка и Хималаите, керамика од времето пред Колумбо, прекрасната капела Света Ана полна со музички инструменти од Азија, Африка и Америка, прекрасни пејсажи од 19 век, се само дел од уметничките предмети кои свој дом нашле токму во овој музеј.
На само 10 минути од Кан е малото гратче Могинс, познато по капелата Нотр Дам де Ви и истоимената вила во која Пабло Пикасо ги поминал последните 12 години од животот.
15 минутната прошетка со брод ќе ве одведе до Островите Де Леринс, четири прекрасни и живописни мали острови, каде ќе уживате во посетата на музеите и црквите.
Викендот во Кан е одлична можност да посетите некоја од прекрасните песочни плажи или да уживате во прошетката по некое од прекрасните шеталишта.
Кафулињата покрај плажите се приказна само по себе.
Движејќи се по една од авениите, ќе уживате во музејот на отворено чии уметнички дела се токму ѕидовите на градбите покрај кои минувате. На ѕидовите се претставени сцени од филмските класици, па ќе се најдете лице во лице со Мерилин Монро, Жан Пол Белмондо, Одри Хепберн, Пол Њумен...
Градот на Златната Палма, приказна која може долго, долго да се раскажува...
Додади коментар