Позитива, Поучни приказни

Во животот сѐ поминува

15 август, 07:19

Во некоја кинеска провинција живеел некој сиромашен Кинез, кој целиот негов живот го потрошил работејќи ги најтешките работи, а на крајот ништо немал спечалено.
Сѐ што имал Кинезот бил неговиот син кој многу го сакал.
Го научил да чита и пишува и тоа било наследството кое му го оставил пред да почине.
Пред да го испушти и последниот здив, старецот извадил две мали кутии, едната црна, а другата бела, кои му ги дал на неговиот син со зборовите: 

„За жал немам ништо друго да ти дадам освен овие две кутии. Но запомни - добро чувај ги. Кога еден ден ќе ти биде тешко, но навистина тешко, отвори ја белата кутија. Црната кутија чувај ја и отворија тогаш кога ќе мислиш дека си најсреќен.”

Синот достојно го испратил неговиот татко кон вечното почивалиште, потоа спакувал сѐ што можел да земе со него, вклучувајќи ги и двете мали кутии, и тргнал по светот за да бара работа со која ќе може да се прехрани. 
Работел за корка леб, спиел по градските улици, ги извршувал најтешките работи, се криел во шумата, сонцето го печело и мразот го гризел. 
Едно утро се разбудил со солзи во очите и неможејќи повеќе да го поднесе суровиот живот, решил да се убие. Во моментот кога правел планови како да си го одземе животот, се сетил на двете мали кутии кои му ги дал неговиот татко и решил да ја отвори белата кутија, како што го советувал татко му. Со треперење полека од неа го извадил малото оризово ливче на кое пишувало: „И ова ќе помине!“
Сфаќајќи го тоа како аманет од неговиот татко, не се убил и продолжил да живее.
Влегувајќи во некој град во кој сакал да бара работа, забележал голема колона од неписмени луѓе кои не можеле да влезат во градот бидејќи не можеле да прочитаат што е напишано на ѕидот. Сиромавиот младич им прочитал на неписмените, па така сите поминале низ капијата и влегле во градот. 
Лутајќи низ градот и барајќи работа го пресретнал некој Кинез кој му кажал дека неговиот господар бара писмен човек кој ќе му помага околу неговата документација. Господарот од луѓето разбрал дека токму тој е писмен, дека знае да чита и пишува, па затоа и го барал. Така сиромавиот младич се вработил кај старешината на селото и работел многу напорно и макотрпно, но со чисто срце и со мирна душа. Бидејќи се покажал како верен и трпелив помошник, господарот му дал дел од неговата куќа за да има каде да живее, а по извесно време му ја дал и неговата ќерка за да му биде сопруга. Имале многу дечиња и така сиромавиот младич стекнал големо богатство.

Еден ден, додека седел на терасата од неговата куќа, сфатил дека сега веќе е бескрајно среќен. Се потсетил на сите маки низ кои поминал, се потсетил дека сакал и да умре и во тој момент се сетил и на неговиот татко и на двете мали кутии. Решил дека токму сега кога е најсреќен е моментот за да ја отвори и втората, црната кутија, баш како што го советувал неговиот татко. 
Ја отворил кутијата, полека од неа ја извадил малата оризова хартија на која било напишано: „И ова ќе помине!“


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2830 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 Мај

19 Мај
Во 1962 година во САД, светски познатата пејачка Мерлин Монро, во чест на 45 - от роденден на тогашниот претседател Џорџ Кенеди, го испеа препевот на песната „Happy Birthday Mr. President”
© 2022 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус