Здравје

Копривата – лек и храна

07 март, 10:34

Голем број растенија од памтивек се користеле како народни лекови. Копривата е еден од најдрагоцените природни лекови, а има голема примена и во секојдневната исхрана.

Кога се берe?

Копривата цвета од мај до септември. Коренот се собира во пролет и есен, листовите во пролет, а стебленцата преку целата година.

Сите делови од растението се корисни, но најмногу се користат коренот и листовите. Исушените листови може да се користат преку целата година, за чаеви или вкусни чорби. Копривата расте речиси насекаде, но најдобро е да се собира на ливади далеку од патишта, каде нема загадување и прашина. Слободно соберете поголема количина, ставете ги на хартија или во поголеми плитки садови и исушете ги. Така ќе имате коприви преку целата година.

Примена

Копривата ја прочистува крвта и ја подобрува крвната слика, благотворно влијае кај вирусни и бактериски инфекции. Го регулира нивото на шеќерот во крвта, помага кај орални инфекции, ревматски болки и артритис, хемороиди, како и болести на кожата и опаѓање на косата. Копривата ја намалува болката во желудникот, го стимулира работењето на жолчката, слезината и панкреасот. Помага при отежнато мокрење, болести на црниот дроб и анемија. За сите овие заболувања добро е да користите чај од коприва.

Народни рецепти

Чај од коприва - Во зовриена вода ставете една супена лажица коприви, оставете ги неколку минути, па исцедете ја течноста. Пијте по една шолја секој ден превентивно, или како лек. Доколку чајот го земате како лек, пијте барем две шолји дневно.

Ревматски заболувања - Во кадата ставете околу 200 грама листови од коприва и направете топла купка. Купката помага и за лечење на алергии на кожата. 

Против опаѓање на косата - Неколку корени од коприва потопете во не многу јака комова ракија. Оставете да отстои 10-15 дена, потоа масирајте го коренот на косата.

Против првут - Во врела вода потопете два грста коприви, оставете да отстои пет минути, исцедете ја течноста и додадете филџан оцет. Со оваа смеса масирајте ја кожата на главата половина час пред капење. 

Во секојдневната исхрана

Копривата е многу вкусно растение од кое може да направите вистински специјалитети. Поради својот специфичен вкус, таа е одличен фил за зелник, во комбинација со праз, а може да ја користите и за чорби и супи кои се навистина вкусни и хранливи. Свежа или сува, како чај или храна, копривата е растение кое чудотворно делува врз организмот и секој од нас треба што повеќе да ја користи.

 

Имате ли вие позитивни искуства од користењето на коприви? Споделете ги со нас за да ја поттикнеме употребата на ова чудесно растение.


автор: Stojkoska Monika

Оваа вест е прочитана 8508 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

20 април

20 април

Во 1950 година е роден Столе Попов, еден од најистакнатите македонски филмски режисери.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус