Поучни приказни

Велигденска приказна

11 април, 00:02

Оваа едноставна животна приказна ќе ви открие дали сте богати или сиромашни и ќе ве научи што всушност значи да си богат.

Бидејќи е вистинска приказна, дел од животот на едно семејство, ќе ја пренесеме во прво лице, за подобро да ја доловиме нејзината суштина.

 

 

„Никогаш нема да го заборавам тој Велигден, 1946 година. Татко ми почина пред пет години и ја остави мајка ми да се грижи за мене и моите шест браќа и сестри, што секако не беше лесно, бидејќи немавме многу пари.

Еден месец пред Велигден, свештеникот од нашата црква соопшти дека организира хуманитарна акција за едно сиромашно семејство од нашиот град, и нè замоли сите да дадеме колку што можеме.

Долго размислувавме како нашето семејство може да помогне и одлучивме да јадеме само компири тој месец, да не ги палиме светлата во домот кога не е неопходно и на тој начин да заштедиме за сиромашното семејство.

Дојде и Велигден. Врнеше многу тој ден, а нашите чевли беа стари и искинати. Немавме ни чадор, па додека одевме до црквата дождот ни влегуваше под облеката. Но ништо од тоа не беше важно, бидејќи успеавме да заштедиме 70 долари и постојано мислевме на радоста на сиромашното семејство кое ќе ги добие парите. Мама му го даде пликот на свештеникот, а по службата се вративме дома.

Подоцна тој ден, свештеникот дојде во нашиот дом и ѝ даде на мама еден плик. Во него беа парите кои ги собравме и уште 17 долари кои ги дале нашите сограѓани за сиромашното семејство. Не можете да ја замислите нашата тага тој ден. Тој плик ни откри една страшна вистина: сиромашното семејство сме биле токму ние. Никогаш немавме убава облека, нови играчки ни разновидна храна, но сè до тој ден не почувствувавме дека сме сиромашни. Мислевме дека семејства како нашите, каде царуваат мирот и слогата, сè богати. Не знаевме ни што да правиме со толку пари, што прават сиромашните кога ќе добијат голема сума на пари?
Можете ли да ја замислите нашата тага?

Наредната недела не сакавме да одиме во црква, токму поради срамот од нашата сиромаштија. Мама сепак нè убеди, па со наведнати глави влеговме внатре.

Свештеникот повторно нè замоли за помош, овој пат за изградба на покрив на црква во некое сиромашно место. Кажа дека 100 долари ќе бидат доволни за нашиот град да помогне да се направи покрив на црквата.

Одеднаш нè огреа сонце. Мама го предаде пликот со парите кои ги добивме за Велигден како прилог за покривот на црквата. Кога на крајот на службата свештеникот ги преброи сите прилози, соопшти дека сме собрале околу 100 долари и рече дека во нашиот град сигурно има богати луѓе штом така брзо се собра потребната сума. Замислете, 87 од тие 100 ги подари нашето семејство! Не бевме ние сиромашни, напротив, ние бевме тие богати луѓе за кои зборуваше свештеникот.

Да, никогаш нема да го заборавам тој Велигден, денот кога тагата дојде во нашиот дом, за набрзо повторно да завладее среќата.

Убаво е да си богат, убаво е сите на овој свет да се богати како моето семејство, бидејќи богатството кое го имаме ние не може да се мери со ниедно друго”.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 5901 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 Март

29 Март
Во 1943 година е роден познатиот грчки композитор на електронска музика Евангелис Одисеас Папатанасиу или за јавноста познат под уметничкото име Вангелис.
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус