Разгледници

Пелистер

13 јануари, 10:58

Оваа година зимата како да нè заборави.

Снег никако да заврни, а сонцето како секој ден да грее сé посилно и посилно,а од друга страна пак маглата стана наше секојдневие.

Сонцето со своите прикриени зраци нè мами да излеземе на прошетка, да излеземе на чист воздух, нè тера да им се радуваме на температурите кои и не се својствени за овој период од годината.

Но што е тука е, ние сме немоќни и ништо не можеме да смениме околу тоа. Можеме само да го искористиме секој слободен момент и да уживаме додека трае ова неверојатно и несвојствено топло време.

Кога зборуваме за одмор и прошетки на чист воздух, не може а да не се спомене бисерот на Баба Планина, највисокиот нејзин врв Пелистер.

Со надморска височина од 2601 метар и распространет на површина од 17.150 хектари, Пелистер изобилува со ретки ендемични, животински и растителни видови.

Тука секако треба да се спомне и петтоигличестиот вид на бор, познат под името „Молика” кој е единствен од овој вид во регионот и според кој е именуван и единствениот хотел во овој национален парк, хотелот „Молика”.

Има многу работи кои можат да се видат на Пелистер и во кои максимално може да се ужива.

Многубројните изворски води и чешми, големите и надалеку познати ливади, бројните пешачки патеки, прекрасните планински пејзажи, сето ова го нуди Пелистер.

За љубителите на пешачењето и авантурата, на располагање се планинарскиот дом „Копанки”, месноста „Јоргов Камен”, „Црвени Стени”, „Палиснопје”, „Неолица”, двете глацијални природни езера „Големо Езеро” и „Мало Езеро” познати под името „Пелистерски очи”, кои имаат посебна природна привлечност.

Многубројните села кои се распространети низ Баба Планина, како Трново, Магарево, Маловишта, Ниже Поле, нудат вили за приватно сместување и доловуваат едно историско време од минатото, со што нè навраќаат кон нашите корени.

При прошетката на Пелистер, миризбата која ја испуштаат боровите ги исполнува сите сетила за мирис, навлегува во секоја клетка и останува длабоко во сеќавање. Се добива чувство на мир и спокој кои ја обземаат душата.

Кога еднаш ќе се почувствува таа миризба, понатаму ќе тера на повторна средба со планината, со недопреното, со Пелистер.

Затоа велат дека кој еднаш бил на Пелистер, повторно ќе оди.   

 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 11229 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

23 април

23 април

Во 1616 година починал Вилијам Шекспир, англиски поет и драматург, автор на 38 драми, 154 сонети и неколку поеми.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус