Животен стил, Кујна, Рецепти

Торта со костени

18 ноември, 00:12

Костените кои се едни од главните обележја на есента, како што веќе спомнавме можете да ги јадете печени или варени, можете од нив да направите вкусни мали бомбици, а исто така можете да ги употребите за подготвување на фил со кој ќе ја филувате тортата, која денес ви ја нудиме како наш предлог.

За подготовката на оваа вкусна торта со костени, покрај состојките кои ќе ви ги кажеме, во самата подготовка потребно е да внесете и многу љубов и внимание.
Костените се разбира дека ќе си ја завршат својата работа, т.е. ќе ѝ дадат на тортата еден посебен и неодолив вкус, но и љубовта со која ќе ја подготвувате тортата ќе биде причина повеќе за таа да биде навистина неверојатно вкусна.

Ви посакуваме пријатна и лесна работа, а кога тортата ќе биде спремна за консумирање, ви предлагаме со чаша црвено вино уште повеќе да го збогатите нејзиниот вкус.

Состојки за пандишпан:
4 јајца
4 лажици шеќер
4 лажици брашно
1 лажица какао
2 лажици масло

Состојки за фил:
6 јајца
200 гр. шеќер
250 гр. путер
250 гр. пире од костени
1 лажица ситно мелено кафе
1 лажица рум
50 гр. чоколадо
1 пакетче ванилин шеќер
2 кесички шлаг пена

Подготовка на пандишпанот:

1. Белките се матат со миксер заедно со шеќерот и постепено една по една им се додаваат жолчка не престанувајќи со матењето. 
2. Брашното се меша со какаото и со постојано мешање со лажица се става во смесата со јајцата.
3. Смесата за пандишпан се става во тркалезен, или во друга форма калап за торта, претходно убаво намрсен со масло и посипан со брашно. Може наместо масло и брашно да се употреби и хартија за печење.
4. Пандишпанот се пече 20 минути во претходно загреана рерна на 200°Ц. Испечениот пандишпан се вади од калапот и се остава убаво да се излади.
 

Подготовка на филот:

1. Јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер се ставаат во сад да се стопат над пареа со постојано мешање, додека смесата не се згусти.
2. Откако смесата ќе ја добие потребната густина се трга од пареата и во неа се додава чоколадото. Смесата се остава убаво да се олади.
3. Путерот се мати со миксер додека да стане пенест и во него се додаваат кафето, румот и пирето од костени (претходно сварени, убаво исчистени и убаво миксирани) и оваа смеса се става во претходната изладена смеса. 
Сѐ убаво се меша додека филот убаво се соедини.
 

Финална подготовка на тортата:

1. Изладениот пандишпан се враќа во калапот во кој се печел. Над него се става изладениот фил и калапот се става во фрижидер за да се стегне тортата со филот.
2. Кесичките шлаг се матат според упатството за употреба и со добиениот шлаг се премачкува целата површина на тортата. Одозгора тортата можете да ја украсите со неколку претходно сварени и исчистени јатки костени, или по ваша желба.


Верувајте, вкусот на оваа торта со костени ќе биде навистина неверојатен и незаборавен! 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 5089 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус